КОВАЧЕВСКИ – ПИЧ : СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА БИДЕ ФАКТОР НА СТАБИЛНОСТ ВО РЕГИОНОТ

0
393

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со Сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, придружуван од амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека ангажманот на Обединетото Кралство на Западниот Балкан и промовирањето на прашањата за регионалната безбедност се резултат на блиските пријателски односи на двете земји, сојузнички членки на НАТО. Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката која Северна Македонија ја добива од Обединетото Кралство во интеграциските и реформските процеси.

На состанокот беше истакната поддршката за процесите кои се дел од евроинтеграцискиот пат на земјата. Прогресот во евроинтеграциите беше посочен како клучен за поттикнување позитивен напредок и за останатите отворени прашања во регионот. Во тој контекст нагласена е и потребата од конструктивност на сите политички субјекти во земјата на сметка на блокадите и деструктивноста.