КОВАЧЕВСКИ ОЧЕКУВА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА , НО И ОТВОРАЊЕ НА РУДНИК НА ЈАГЛЕН ЗА РЕК БИТОЛА

0
392

Ковачевски во обраќањето посочи дека е донесена нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година целосно базирана на Европскиот Зелен Договор и ги наброја сите енергетски инвестиции во обновливи извори на енергија.

„Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава, развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство. Тоа се фотонапонската електрана РЕК „Осломеј“, ветерниот парк „Вирови“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати. Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна централа, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди, од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“, рече Ковачевски.Тој го спомена и проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, за кој за прв пат има понуда од изведувач, по 13 неуспешни тендери. Ковачевски, покрај инвестициите во обновливи извори на енергија и очекувањата за енергетска транзиција, во Битола истакна дека очекува и отворање на уште еден рудник на јаглен, Живојно, кој треба да го снабдува комбинатот со енергенс.

„Отворањето на рудникот Живојно е идеја која датира од 1982 година кога е направена работната група. После толку години се надевам дека ова раководството на ЕСМ ќе го отворат рудникот Живојно за да од него се снабдува РЕК Битола со потребните количини на јаглен“, рече Ковачевски.