КОВАЧЕВСКИ : НОВ ПАКЕТ МЕРКИ ВРЕДЕН НАД 350 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА – ПО 3.000 ДЕНАРИ ВО НАРЕДНИТЕ 4 МЕСЕЦИ ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ И НЕВРАБОТЕНИТЕ И ПО 1.500 ДЕНАРИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СО НАЈМАЛИ ПЕНЗИИ

0
409

Нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, донесе Владата на денешната седница.

Како што соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, со овие средства, севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.

Заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, нагласи премиерот, остануваат приоритет.

-Клучната порака денеска е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.

Премиерот подвлече дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.

-Повторно менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката,… Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата, истакна Ковачевски.

Тој се осврна и на средствата обезбедени со ребалансот на Буџетот кои ќе се реализираат во следниот период.

На прес-конференцијата во Владата се присутни и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за економија и за финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, како и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Во наредните 4 месеци, по 3 илјади денари месечно треба да добијат корисниците на социјална помош, помош за попреченост, посебен додаток, нега од друго лице и невработените и оваа мерка опфаќа 42 илјади граѓани и ќе чини над 8 милиони евра. По 1.500 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои добиваат пензија до 11.525 денари, а тоа се над 91.600 пензионери. По 750 денари ќе добијат пензионерите со пензии од 11.525 до 14.000 денари, а такви се над 66 илјади пензионери. За оваа мерка се издвоени 12,2 милиони евра, изјави премиерот Ковачевски на денешната прес конференција.

Овие мерки треба да поминат во Собранието

„Очекувам дека сите пратеници, освен Левица, ќе бидат на ниво на задачата и што побрзо ќе ги усвојат овие законски измени“, кажа Ковачевски.