КОВАЧЕВСКИ : НИЕ СМЕ ЕВРОПА ВО МАЛО, НЕ ТРЕБА ДА ИМАМЕ ПРОБЛЕМ ДРУГИ ЗАЕДНИЦИ ДА ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ

0
503
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во „Тема на денот“ на Сител телевизија истакна дека по завршувањето на процесот на скрининг и отпочнувањето на преговорите по поглавја, ќе треба да направиме уставни измени во кои што ќе треба да бидат вклучени делови од други народи кои што живеат во државата а кои што не се впишани во преамбулата.

„Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконвенционално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени”, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија веќе ги има отпочнато преговори со ЕУ, календарот на скрининг процесот веќе е објавен, на 14-ти септември тимовите ќе бидат во Брисел, каде што и официјално се одржува првиот состанок.

„Скринингот е во две фази поделен, објаснувачки скрининг и билатерален скрининг. Објаснувачкиот скрининг, ние веќе имаме одредени чекори направено, меѓутоа во делот на билатералниот скрининг кој што е многу покомплексна операција во кој што практично се презентира нашето законодавство виз а вив законодавството на ЕУ и што е она што треба да се направи во текот на преговорите, за таа цел Секретаријатот за европски прашања и вицепремиерот за европски интеграции, г-дин Маричиќ, веќе работи на екипирање на преговарачкиот тим, многу скоро на седница на Влада ќе се најде и преговарачката структура”, истакна Ковачевски.

Премиерот рече дека тука ќе бидат ангажирани сите институции и експерти кои што ги имаме, меѓутоа ќе бидат ангажирани и голем број на експерти кои што не се дел од владините институции, што значи дека ќе бидат ангажирани и експерти од академскиот сектор, од деловниот сектор, од невладиниот сектор и сите оние коишто можат да придонесат за побрзо завршување на овој процес.

„Скринингот според она што ние го имаме како увид во моментот и капацитетите кои што ги поседуваме, сметаме дека можеме да го завршиме за 14 до 16 месеци, што би било прилично брзо во однос на други држави кои што поминувале низ овој процес, и потоа отпочнува отворањето на поглавјата”, рече Ковачевски.