КОВАЧЕВСКИ НА ЧЕЛО НА МАКЕДОНСКАТА А ПЕТКОВ НА ЧЕЛО НА БУГАРСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО РИМ И ВАТИКАН НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 24 МАЈ – ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

0
437

Бугарските медиуми, пак, пишуваат дека годинава претседателот на парламентот му го отстапил редот на Петков кој сакал да демонстрира единство со премиерот Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи македонската делегација годинава во Рим и Ватикан на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

„Ве информираме дека годинава има планирана програма за чествување на Светите Кирил и Методиј во Рим и Ватикан. Официјалната државно-црковна делегацијата од Северна Македонија ќе ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски. За овој голем ден и државен празник планирани се повеќе активности во кои ќе земат учество членовите на официјалната делегација“, ни одговорија од Владата.

Премиерот пред една недела одговарајќи на новинарски прашања посочи дека ќе има наша делегација во Рим, но тогаш не соопшти дека тој ќе ја предводи.

„Да, има делегација од нашата држава која ќе оди на одбележувањето на 24 Мај во  Рим. Ќе имаме наша делегација која ќе патува таму како македонска“, рече Ковачевски на 13 мај.

Владина делегација денеска положи и цвеќе по повод претстојниот 24 мај, а од прес-службата информираа дека традиционално и годинава денот ќе се одбележи со патување на нашата делегација на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата кај Папата Франциск на Светата Столица.

Медиумите во Софија, пак, објавија дека бугарската делегација ќе ја предводи премиерот Кирил Петков.

Според нивните пишувања, оваа година нивната делегација требало да биде предводена од претседателот на парламентот, Никола Минчев, но тој го отстапил својот ред на Петков, кој сакал на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј да демонстрира единство со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и тоа да послужи како знак за симнување на ветото на Скопје. Идејата на Петков, според пишувањето, била на аудиенцијата кај папата, со Ковачевски заедно да добијат благослов од папата.