КОВАЧЕВСКИ – МАРИЧИЌ : УСВОЕНАТА ПРЕГОВАРАЧКА СТРУКТУРА Е КЛУЧЕН СЛЕДЕН ЧЕКОР ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА, ОЧЕКУВАМЕ УСПЕШНА И БРЗА РЕАЛИЗАЦИЈА

0
390

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска одржаа прес-конференција поврзана со усвоената преговарачка структура. Во продолжение интегралните изјави:

Транскрипт на изјава на премиерот Ковачевски:

Денес, Владата на Република Северна Македонија ја донесе одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За ова, и за другите заклучоци подетално ќе ве информира вицепремиерот задолжен за европски прашања, кој воедно, согласно одлуката на Владата ќе биде и главниот преговарач, за што му посакувам многу успех и секако очекувањата се амбициозни за него и неговиот тим. И јас и вицепремиерот сме сложни по ова прашање, преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и да се затворат што е можно поскоро.

Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули, кога ги отпочнавме преговорите, свртевме нова страница во македонската историја. Покажавме дека знаеме да се однесуваме државнички и храбро да носиме државнички одлуки, бидејќи така се трасира патот за понатамошен развој и на економски и на општествен план.

Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција направивме историски чекор во стратешка смисла, ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за кои се залагаме. Преговорите официјално започнаа, а со тоа се наметна потребата што поскоро да се направи концепт за преговарачката структура, согласно новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ.

Преговарачката структура која ја усвоивме денес ќе биде поддржана и од експерти, државни службеници кои со години работат на ова поле, а секако ќе се надградува и со експерти и стручни лица надвор од институциите но и надвор од државата кои имаат искуство со водење преговори и пристапување на други држави во ЕУ. Нашата заложба и намера е да обезбедиме квалитетна и ефикасна структура која ќе може да се носи со сите предизвици.

Сакам да ве уверам дека ова ќе биде инклузивен и транспарентен процес во кој обезбедуваме механизми за вклучување и на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница и сите останати засегнати страни и во оваа насока, апелирам до сите, вклучително и опозицијата да го поддржи овој процес и да се вклучи во него активно. За овој процес да се затвори што поскоро, потребна е целосна мобилизација на сите ресурси со кои располага државата, бидејќи ова е прашање по кое треба да има обединување за да има развој и напредок.

Тука, сакам да потенцирам дека силно верувам во капацитетот на Секретаријатот за европски прашања како надлежен да ги води преговорите, кој во целиот процес ќе координира и ќе дава поддршка на институциите и убеден сум дека ќе имаме квалитетна подготовка за преговорите.

Ние како Влада сме посветени на европските реформи и што поскоро вградување на европските закони и стандарди во нашиот систем. Тоа е основата за ефикасно воден процес на интеграција и преговори за членство со најдобри можни исходи. Тука, би сакал да потенцирам дека преведувањето на законодавството на ЕУ чие прифаќање и усогласување е еден од инструментите за успешна интеграција е во тек, и дека ние вложуваме и ќе продолжиме да вложуваме интензивно во преводите на европското законодавство на македонски јазик.

Почитувани граѓани,

Завршување на преговорите до 2030 е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна, и јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји-членки, да учествува во креирањето на политиките на Европската Унија, секако со заштита на нашите државни интереси.

Верувам во капацитетот на институциите, и нивната подготвеност да дадат максимум во овој процес. Нашата иднина е во ЕУ, за нас, ова нема алтернатива, и затоа потребно е сите заедно да дадеме поддршка, да се вклучиме, да ја искористиме шансата која е пред нас, и со брз чекор и самоуверено да одиме напред кон полноправното членство во ЕУ.

Посакувам успешен почеток на скрининг состаноците, успешна работа и што поскора реализација на амбициозниот план.

Транскрипт на изјава на вицепремиерот Маричиќ:

Задоволство ми е што денес имаме можност да претставиме уште еден чекор, би рекол клучен, во подготовката на Северна Македонија за преговорите со ЕУ.

Со официјалниот почеток на преговорите во јули оваа година се наметна потребата за итно консолидирање на координативниот механизам за водење на пристапниот процес. Според мене, клучната алка која ќе обезбеди координација и поддршка на сите реформи поврзани со евроинтегративниот процес и имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (која останува во сила се до потпишувањето на пристапниот договор за членство во Унијата).

На денешната тематската владина седница ја усвоивме Одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во 2019 година, Владата донесе сет на одлуки со кои се воспостави механизам, но се утврди потребата истиот да се промени заради следните причини:

● Процесот на проширување е сменет, а критериумите за членство во Европската Унија се изоструваат, особено  со ревидираната методологија за пристапни преговори од 2020 година,

● Заради големиот број на новини во процесот, нема модел на искуство кој би можело да се земе предвид од земјите кои до сега преговарале или се уште преговараат. Затоа ни треба наш автохтон нов модел за координација, кој во целост ќе ги рефлектира новините од ревидираната Методологија за пристапни преговори, од март 2020 година,

● Новата Методологија исто така наметнува многу пополитички пристапни преговори, на начин што целокупниот процес на преговори го подигнува на многу повисоко политичкото ниво и тоа во сите фази од преговорите.

Со денешната одлука на Владата за ревизија на координативниот механизам за пристапни преговори, се одлучуваме за нова структура која го поедноставува механизмот, и воедно ќе го направи хиерархиски и командно пофункционален, поефикасен и поефективен.

Што е тоа што го предвидува оваа преговарачка структура?

Заради зголемена ефикасност на функцијата при водењето на преговорите, се воспоставува „главен преговарач“, функција која ќе ја извршам јас, како Заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, а која ги спојува и политичките и техничките елементи од преговорите.

За да се обезбеди хиерархиска и командна конзистентност ќе има позиција „Заменик на главниот преговарач“, функција која ја врши државниот секретар за европски прашања, кој воедно е и претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација, г-ѓа Дрита Абдиу Халили.

Телата коишто беа предвидени со Одлуките од 2019 година остануваат, односно:

1. Комитетот за преговори, претседаван од претседателот на Владата Ковачевски, како највисоко политичко работно тело на Владата за координација на пристапните преговори. Во ова тело членуваат четирите вицепремиери, министерот за надворешни работи и финансии.

2. Државната делегација за преговори, која ќе ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи, како шеф на делегацијата, а во неа членуваат главниот преговарач, односно јас,  заменикот на главниот преговарач и шефот на мисијата при ЕУ. Истата ќе ги презентира официјалните преговарачки позиции на Меѓувладините конференции.

3. Групата за преговори, е стручно тело на Владата за координација со институциите и подготовка на предлог-преговарачките позиции, помошно тело на главниот преговарач, а во неа членуваат и заменикот на главниот преговарач, членови задолжени за одредени кластери, области и поглавја од преговорите. Како дел од групата за преговори, меѓу другото, се воведуваат и три нови позиции:

– Главниот економист ќе врши хоризонтална координација на економските политики и соодветните поглавја поврзани со нив

– Следењето и координацијата на сите акти од правен аспект како и оформување на содржината на нацрт пристапниот договор ќе го врши главниот правник

– Главниот анти-корупционер ќе врши хоризонтална координација на сите политики во борбата против корупцијата и спречувањето на судирот на интереси.

4. Работниот комитет за европска интеграција,  го сочинуваат претседател – главниот преговарач, неговиот заменик, државните секретари на сите институции, генералниот секретар на Владата, секретарот на Секретаријатот на законодавство како и членовите на групата за преговори. Ова тело ќе го следи спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и ќе ги координира активностите поврзани со пристапните преговори. Покрај државните секретари на сите институции ќе го дополниме и со членовите на групата за преговори.

5. Работните групи за пристапни преговори, се помошни тела на работниот комитет за европска интеграција, сега организирани според новата методологија за преговори, по Кластери, по области и по поглавја и истите ќе учествуваат во подготовка на анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со правото на Унијата и подготовка на нацрт-преговарачки позиции.

Единствен секретаријат на преговарачкиот процес е Секретаријатот за европски прашања со оглед на тоа што надлежностите и улогата на СЕП вклучително и за координација на целокупниот процес на пристапни преговори е регулирана во Законот за Владата.

СЕП ќе биде и депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори. Во сите работни групи ќе има координатор од СЕП надлежен за методолошките и процесните аспекти и координација со останатите тела на структурата за преговори. Воедно, СЕП презема надлежност и во подготовката на потребните правни акти со кои ќе се дефинираат процедурите на работење на телата.

Заради важноста и улогата на Собранието во процесот на донесување на законските прописи – неговата улога во пристапните преговори, ќе се дефинира со меѓусебно договорен акт, пред се со Комисијата за европски прашања и Националниот совет за европска интеграција, во кој ќе биде додадена улогата на опозицијата. Во наредните денови планирани се и средби со претседателот на Националниот совет за европска интеграција, со што подаваме рака да се вклучат во процесот.

Дополнително, ќе биде дефиниран механизам за утврдување на начинот и динамиката на информирање на Претседателот на Северна Македонија за пристапните преговори.

Одлуката за воспоставување на структура за преговори предвидува можност за претставниците на граѓанскиот сектор да учествуваат во работата на работните групи. Јас веќе одржав неколку средби и консултации и тоа ќе продолжи и во наредниот период за заеднички и инклузивно да дефинираме модел за соработка.

Свое место во процесот на преговори ќе има и бизнис заедницата бидејќи воведувањето на новото европско законодавство и стриктната примена на европските технички стандарди имаат директно влијание на економските оператори и нивната конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар.

Ќе се воспостави и соработка со академската заедница во пристапните преговори, како и со локалната самоуправа затоа што добар дел од новото европско законодавство што ќе се транспонира во домашниот правен систем, ќе се спроведува на локално ниво.

Почитувани граѓани,

Целта која си ја зададовме е – завршување на преговорите до крајот на оваа декада и членство во Унијата до 2030. Нашата иднина е во ЕУ, и затоа потребно е преку максимална посветеност и ангажираност, да се вклучиме, да ја искористиме шансата која е пред нас, и со брзи чекор и самоуверено да одиме напред кон полноправното членство во ЕУ. Следува динамичен период за институциите и администрацијата, каде имаме за адресирање бројни аспекти во 6 кластери, 3 области и 33 преговарачки поглавја.

Искрено само низ целосна мобилизација на сите ресурси со кои располага државата, ќе имаме ефикасно спроведување на потребните реформи и подготвеност за следната фаза – отворањето на Кластерите.

Пред нас е тешка задача, која е остварлива бидејќи имаме јасна поставена цел и визија за нашата држава.

Околу таа визија и оваа стратешка цел мора да се обединат сите, вклучувајќи ги и опозициските партии, бидејќи ова е процес од интерес на државата. Целосно сме подготвени за почеток на скрининг процесот и убеден сум дека ќе ја исполниме динамиката на предвидената рамка за завршување на процесот.

Нека ни е со успех.