КОВАЧЕВСКИ – ЛАЈЧАК : ЗА ЕВРОПСКАТА УНИЈА, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ПАРТНЕР ОД ДОВЕРБА

0
464

На средбата на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски го запозна Лајчак со заедничките активности со премиерот на Република Бугарија Кирил Петков за интензивирање на билатералната соработка и за работата на петте работни групи за економија, инфраструктура, култура, ЕУ интеграција и историја коишто имаат задача да изготват патоказ за спроведување на Договорот за пријателство.

Претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак упати силна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и ја оцени нашата земја како доверлив партнер на Унијата. Лајчак изрази и задоволство од досегашните заложби и ги оцени како значаен придонес кон конечната одлука за усвојувањето на Преговарачката рамка и за закажувањето на првата Меѓувладина конференција во мандатот на Република Франција како претседавач со Европскиот совет.

На средбата стана збор и за унапредувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан, меѓу што и за охрабрувачкиот процес „Отворен Балкан“.

Во регионален контекст, премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија ги поддржува сите форми на дијалог меѓу Белград и Приштина, а изрази и поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на стабилна и безбедна Босна и Херцеговина во согласност со Дејтонскиот мировен договор.