КОВАЧЕВСКИ : И ОД 1 ЈАНУАРИ НЕМА ДА ИМА ЦЕНОВЕН ШОК ЗА ГРАЃАНИТЕ ВО СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА

0
558

Владата во текот на целиот изминат период ја субвенционира цената на електричната енергија и со тоа не дозволивме да има ценовен шок за граѓаните. Така беше до сега, така ќе биде и од 1 јануари, но убаво е да се знае дека постои субвенција на цената на електрична енергија заради штедењето, бидејќи секој заштеден киловат од граѓаните, од стопанството и од институциите значи и помалку потрошени финансиски средства од страна на Буџетот, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. Според него, не е пропаганда фактот што на сметката за потрошена електрична енергија стои дека државата субвенционира 73 отсто од неа, бидејќи таму стои колкава е субвенцијата од страна на Владата, а не субвенција од политички партии.

-Сметката ниту е пропаганда, ниту, пак, е флаер, туку е сметка за електрична енергија. Електричната енергија државата ја субвенционира за целиот регулиран пазар. Доколку се погледне цената на електричната енергија на берзите во моментов е сигурно 300 евра, а минатата недела беше 500 евра. Намалена е затоа што во Западна Европа се божиќните католички празници, но кога ќе завршат и кога индустријата ќе почне да работи со полн капацитет цената сигурно повторно ќе биде зголемена, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Како што појасни ЕСМ произведува електрична енергија која ја испорачува на ЕВН за да ја дистрибуира до купувачите, односно до регулираниот пазар составен од 600 илјади домаќинства и 70 илјади мали потрошувачи – мали и средни претпријатија кои вработуваат 98 проценти од вработените во државата. -ЕСМ испорачува енергија која е практично субвенционирана од страна на Владата. Таа субвенција се носи во Буџетот и и се префрла на ЕСМ за да набави енергенси и да произведе електрична енергија која потоа преку ЕВН се продава. Таа субвенција изнесува 73 проценти од цената на електрична енергија која граѓаните би ја платиле доколку не е субвенцијата од страна на државата до ЕСМ и преку ЕСМ до крајните потрошувачи кои добиваат електрична енергија, посочи Ковачевски.