КОВАЧЕВСКИ И МИЦКОСКИ СО ПОЗИТИВНИ СИГНАЛИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА УСТАВОТ ЗА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК

0
925

По пописните резултати се актуелизира долгогодишното барање на албанските политички партии за формално впишување на албанскиот јазик во Уставот, наместо формулацијата “јазикот кој го зборуваат 20 проценти од населението”.

Позитивни сигнали за уставни измени сега покажаа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – по Ковачевски, и Мицкоски вели дека е подготвен да разговара, но во пакет со бришење на системот на бадинтер, како и балансерот при вработувањата..

-Гледам дека некои политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор, тогаш заеднички да создадеме општество да го проектираме денеска па во следните 50 години. Познавам многу луѓе коишто не сакаат и се чувствуваат навредени што се дел од некаква квота, што се дел од некакви проценти. Македонија ја замислувам како држава во која што ќе се напредува според компетенции, според квалитет и според знаење, а не затоа што се дел од некаков процент или некакви квоти. – Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Ковачевски вчера рече дека уставните измени бараат двотретинско мнозинство и ќе се случат тогаш кога ќе има национален консензус.

-Сите граѓани во оваа држава треба да имаат основа да напредуваат на приватен и професионален план. Легитимно е да се отпочне процес на уставни измени во кој учествуваат и политички партии и експерти за решение кое ќе биде бенефит за сите граѓани.- Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Од ДУИ за Канал5 велат дека ја поздравуваат подготвеноста на СДСМ и ВРМО-ДПМНЕ за формална замена на 20% со албански јазик во Уставот, при што, велат, само ќе се утврди фактичката состојба. Истиот став го има и Алијанса за Албанците, додека пак од БЕСА одговорија дека Мицкоски не треба да ги меша укинувањето на 20 проценти со бадентер и балансер.

– Доколку темата за уставни промени се претвори во политичко пазарење како што тоа го предлага г. Мицкоски, тогаш тој и другите македонски партии треба да бидат подготвени да отворат многу други теми кои би ги унапредиле правата на Албанците на ниво на бинационална држава, бидејќи тоа и се потврди од пописот, така што бројките ја покажуваат оваа општествена реалност на земјата. – Арјанит Хоџа – потпретседател на БЕСА.

Неофицијално засега ниту Владата, ниту некоја од политичките партии не планираат да поднесат предлог за уставни измени до Собранието. Според претседателот на ДУИ Ахмети, тие ќе бидат вметнати тогаш кога Уставот ќе се отвора за бугарското малцинство. Ова го кажа ден по резултатите од пописот на кој 24,3 отсто се изјасниле дека мајчин јазик им е албанскиот.

Извор : Канал 5