КОВАЧЕВСКИ И ГРУБИ ВО САРАЈ : СО 49,7 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ТАВ ПРОГРАМАТА РЕАЛИЗИРАМЕ ИНФСТРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ЗА РЕАЛНИТЕ ПОТРЕБИ НА ГРАЃАНИТЕ

0
473

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со првиот вицепремиер Артан Груби ја посетија Општина Сарај, по повод реконструкцијата на патот Буковиќ-Раовиќ, кој претставува еден од вкупно 94-те инфраструктурни проекти од ТАВ програмата во износ од 49,7 милиони евра.

Патот Буковиќ-Раовиќ е во завршна фаза на реализација, долг е шест километри и ги поврзува двете села. Износот на инвестицијата е 748 илјади евра. Премиерот Ковачевски и првиот вицепремиер Груби, заедно со раководството на компанијата „ТАВ Македонија“, со локалната самоуправа, изведувачите, како и со граѓаните на општината ја истакнаа важноста од реализацијата на инфраструктурните проекти кои го олеснуваат секојдневниот живот во населените места.

„Инфраструктурните проекти за општините се од големо значење, затоа Владата во соработка со ТАВ реализира инфраструктурни проекти низ целата држава, во сите плански региони. Вкупна вредност за сите 94 инфраструктурни проекти изнесува 49,7 милиони евра. Голем дел од проектите се завршени, дел се во завршна фаза и треба да бидат реализирани оваа година, а крајниот рок за завршување на сите проекти е 2023 година. Тоа се реални проекти за секојдневните, реални потреби за граѓаните. Се поврзуваат населените места, секој да има квалитетно и континуирано водоснабудување, се уредуваат речни корита, канализациони мрежи, училишни згради, младински центри, домови за стари лица, културни центри, партерно се уредуваат градски и општински средини за граѓаните да добијат поквалитетен живот во местата каде живеат. Ваков обем на проекти, кои се за вистински потреби на граѓаните и кои се изведуваат во ист момент, досега не се случиле. За важноста на овие проекти, зборува и поддршката и нивната промоцијата од страна на сите градоначалници. Сите граѓани имаат правото на квалитетен живот и Владата е посветена да го поправи, она што со децении не е направено. Инвестираме во она што им е потребно на граѓаните. Со овие проекти се инвестира во комуналната инфраструктура во улици и патишта, водоснабдување, се градат мостови, се поврзуваат населени места“, изјави Ковачевски и додаде дека од само 5 позначајни проекти, вклучувајќи ја и ТАВ програмата, Владата поддржа инвестиции од над 250 милиони евра во општините.

Првиот вицепремиер Груби, истакна дека е значајно што средствата за изградба на карго- аеродромот во Штип се пренасочија за реалните потребни на граѓаните за изградба на инфраструктурни проекти.