КОВАЧЕВСКИ : ДВОЈНО ЈА ЗГОЛЕМИВМЕ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА, РАСТАТ И ПЕНЗИИТЕ СО НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА

0
554

Премиерот Димитар Ковачевски, во интервјуто за емисијата „360 степени” на Алсат ТВ зборуваше за растот на минималната плата и на пензиите кои Владата ги спроведе уште од почетокот на мандатот, како и за воведување на Закон за плати во којшто ќе се знае која ќе биде конзистентноста и структурата на платите во државата.

-Mинимална плата беше на ниво од 9.000 денари во време на претходната нелевичарска Влада, а сега е 18.000 денари. Значи само од доаѓањето на оваа Влада имаме зголемување од 15.000 на 18.000 денари на минималната плата. Во однос на пензиите, за прв пат имаме покачување на пензиите за 10 проценти во неизборна година. Вие добро се сеќавате кога пензионерите беа адресирани само пред избори, да добијат некое покачување сè со цел да се добие нивен глас. Јас кажав не, ќе воведеме нова методологија во која ќе добијат заслужено покачување. Во текот на оваа календарска година 10 проценти, а во текот на 12 месеци од март оваа година до идната ќе бидат 16 проценти покачување, рече премиерот Ковачевски и во однос на колективните договори истакна дека треба да имаме еден општ колективен договор којшто ќе биде исто така пропратен со Закон за плати во државата.

Премиерот Ковачевски истакна дека потребен е Закон за плати којшто ги унифицира платите, како еден сегмент во обидите за намалување на трошоците за платите.

-Таму не се мисли на намалување на плата на вработен којшто има договор за работа, туку на трошоците за плати. Ако ги видите менаџерските договори на директори на Јавни претпријатија коишто прават загуби години наназад, на членови на Управни одбори, на членови на Надзорни одбори, јасно е дека имаат поголема плата од два министри заедно, а креираат со години загуби и не прават ништо таа загуба да се намали. Треба да се направи колективен договор којшто ќе биде усогласен со методологијата за зголемување на платите, бидејќи ние кога ја формиравме минималната плата со синдикатот договоривме и на кој начин минималната и сите други плати ќе растат. Има одредени колективни договори кои во своите претпоставки, односно во своите одредби имаат прогресивно зголемување на платите со порастот на минималната плата. Она за што јас се залагам е да имаме конзистентност на платите. Тоа и граѓаните го зборуваат, тоа и вработените во јавната администрација го зборуваат, рече премиерот Ковачевски и поентираше дека висококвалификуваните лица кои зборуваат повеќе јазици и во институциите треба да бидат соодветно платени сè со цел што поголемо искористување на европските фондови.