КОВАЧЕВСКИ, АХМЕТИ И ГАШИ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА ВЛЕЗ НА АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА

0
521

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и неговите коалициски партнери во Владата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на Алтернатива, Африм Гаши, вчера имале заедничка средба во Владата за која претходно немаше никаква најава оти би се случила. Информацијата дека се одржала ваква средба, во изјава за МИА ја потврдиле извори од Алтернатива, а темата на разговорот бил евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во владиното мнозинство.

Потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата, според објаснувањето што го добил Гаши од Ковачевски и Ахмети, била дека на Собранието му е потребна поголема функционалност, за парламентарното мнозинство да нема недостиг на кворум.

„Гаши на средбата ја повторил позицијата дека Алтернатива веќе има договор со СДСМ за Влада и дека очекува тој договор да се исполни. Дополнително, дека и по една година од договорот сè уште не се реализирани ниту сите програмски ниту кадровски решенија кои биле договорени, односно дека 15 кадровски позиции не се исполнети. Гаши прашал зошто сега да склучат нов договор за влез на Алијанса во Владата и кои се гаранциите дека тој ќе се реализира, кога не е исполнет договорот меѓу Гаши и експремиерот Зоран Заев – изјавиле од Алтернатива за МИА.

Во изјавата за МИА, од Алтернатива посочиле дека од Гаши не било побарано да отстапи конкретно министерство во Владата, но како што велат, со формулацијата која била посочена на средбата „што може да се направи за влез на Алијанса во Владата“ е јасно дека трите партии треба да отстапат по еден ресор.

Претходно премиерот Ковачевски изјави дека разговарал и дека ќе разговара со коалициските партнери за теми кои се значајни за работењето на Владата, но во повеќето изјави кои ги даде изминативе денови кажа дека тема на разговор не биле детали околу евентуалното зголемување на владиното мнозинство бидејќи такви детали не се разговарале ниту со потенцијалниот нов коалициски партнер.Инаку, претседателството на Алијанса за Албанците утре ќе одржи состанок на кој, меѓу другото, се очекува да биде формиран тимот што ќе ги води преговорите за влез на АА во Владата. За одлуките од состанокот јавноста ќе биде информирана преку соопштение за медиумите.