Коалиција за промени и правда: Во процесот на преговори мора да се вклучат и другите релевантни политички партии, како и граѓанскиот сектор и медиумите

0
907

Интегрално ви го пренесуваме соопштението на Коалиција за промени и правда

Коалицијата за промени и правда  смета дека во процесот на преговори мора да се вклучат и другите релевантни политички партии, како и граѓанскиот сектор и медиумите.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, немаат кредибилитет да зборуваат за реформи, стабилност и фер избори, бидејќи тие ги блокираат сите позитивни процеси и Македонија ја држат во перманентна криза.

Разговорите мораат да бидат транспарентни и пред камери.

Коалицијата за промени и правда предлага да се формира реформска (експертска) влада која ќе има обврска да спроведе коренити реформи и создаде услови за рамноправен политички натпевар и одржување на фер, демократски и кредибилни избори.

Без реформи во судскиот систем и безбедносните служби не се можни избори. Затоа бараме рекомпонирање на Републичкиот судски совет и разрешување на судиите кои учествуваа во монтирани судски процеси, формирање на посебно судско одделение во Кривичниот суд во Скопје, како и целосно реформирање и деполитизација на безбедносните служби.

Оставка на судиите од Уставниот суд кои учествува во промените на Законот за помилување врз основа на кои Ѓорге Иванов ја донесе одлуката за аболиција.

Разрешување на обвинителите кои се под директно влијание на власта и кои подигнуваат обвиненија по налог на партијата на власт, а без докази.

Специјалното јавно обвинителство да продолжи да работи транспарентно и без било какви опструкции и закани дека по налог на партиите на власт ќе биде укинато.

Една од најсуштествените реформи е врзана за изборниот модел. Затоа бараме Македонија да биде една изборна единица.

Избирачкиот список треба да се прочисти од креираните (фантомски) гласачи и најитно да се уништат личните карти кои се користени за гласање наместо граѓаните кои подолго време престојуваат во странство. Доколку тоа не е можно тогаш да се пристапи кон активна регистрација на гласачите.

Воедно предупредуваме, тие што се обидуваат да ги поништат одлуките за повлекување на аболицијата за 56 високи државни и политички функционери и на нивните соработници, да се откажат од таквите намери. Последиците ќе бидат катастрофални.

Коалицијата за промени и правда е подготвена за избори без разлика кога ќе се одржат, но нема да има избори без реформи и услови за нивно одржување.