Кирилица: Постои видео снимка за тоа како е местен инцидентот во Куманово!

0
983

Една моќна странска разузнавачка служба располага со видео и аудиоснимки за тоа како е договаран инцидентот во Куманово, дознава Кирилица од, како што тврди, доброинформирани дипломатски извори кои сакале да останат анонимни. Станува збор за подолг видео запис во кој се снимени контакти на луѓе од тајната полиција со припадници на вооружената група која на 9 мај беше разбиена во Куманово, во тешка и полна со контроверзи полициска акција во која загинаа 8 полицајци и најмалку 10 припадници на вооружената група.

kumanovo

Тие аудио и видео снимки фрлаат светлина на улогата на луѓе од тајните полициски структури и на некои политички личности во настаните пред и во текот на инцидентот. Дел од овие сознанија им биле предочени на македонските власти. Оставките на првите луѓе на МВР и на УБК, Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков, се директно поврзани со акцијата во Куманово и имале за цел да го амортизираат тој револт и притисок од надвор, велат соговорниците на Кирилица.

Истите извори велат дека на случајот „Куманово“ странските служби и дипломати му придаваат голема важност и дека, иако на тоа поле владее затишје, нема така лесно да се откажат од напорите вистината за него да излезе на виделина. Еден од мотивите за тоа, велат изворите, е што во самата група што е ликвидирана, постоеле поединци кои биле врбувани и контролирани од барем две моќни западноевропски разузнавачки служби.

Непосредно по инцидентот уследи серија изјави дека Македонија треба да покрене меѓународна истрага за да се расчисти случајот. Освен официјална Приштина и Тирана, такви изјави дадоа и словенечкиот претседател Борут Пахор, како и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер. Исто така, Иван Шимоновиќ, помошник на генералниот на Обединетите нации, кој допатува во Скопје, ја нагласи потребата од меѓународна истрага за кумановските настани, а тоа лично му го препорача и на обвинителот Марко Зврлевски.