Кире Наумов: За Зоран Ставрески ова се последните моменти кога треба да собере сила и да се отпушти од “орото“

0
1483

Никола Груевски врши огромен притисок врз владата да го искористи отсуството на СДСМ во неа и да издаде нова еврообврзница, вели Кире Наумов, од СДСМ за Фактор. Порачува дека за министерот за финансии Зоран Ставрески ова се последните моменти кога треба да собере сила и да се отпушти од “орото“, а со тоа ќе ја намали одговорноста за задолжувањата. Сепак Наумов вели дека Груевски „лаже“ дека тој ставил вето на издавањето на ланската еврообврзница, туку ветото се однесува за аукциите на домашниот пазар и правната разрешница за тоа не е завршена.

„Никола Груевски како лице за кое се водат неколку постапки за кривични дела, со вчерашната изјава околу еврообврзницата прекрши уште еден закон. Бидејќи до сега како премиер учествувал во издавање на три еврообврзници преку кои ја задолжил Македонија за скоро милијарда евра, тој знае дека одлуките за издавање на еврообврзница се носат на затворена владина седница. Тој одамна не е член на владата и несфатливо е како ја знае оваа одлука и доколку е вистина дека одлуката е донесена со својата изјава тој де факто издава државна тајна.

Но тоа е помалку страшниот дел. Груевски лаже дека СДСМ или Кире Наумов ставиле вето на издавањето на ланската еврообврзница. Ветото се однесува за аукциите на домашниот пазар и правната разрешница за тоа не е завршена. При издавањето на оваа еврообврзница тој беше сеуште Премиер и знае дека Ставревски изјави дека самата влада на затворена седница ја преиначила својата одлука и ја намалила сумата на емисијата од 500 на 270 милиони евра. Тогаш и тој и министерот Ставрески изјавија дека сите треба да се спокојни и обезбедени се доволно средства за сите потреби на буџетот за 2016 година.

Правата вистина е дека консултанската куќа ангажирана од страна на владата и задолжена за емисија на оваа еврообврзница преку својот адвокатски тим бараше писмена и телефонска потврда на самиот ден на емисијата од страна на дополнителниот заменик министер дека се сложува со емисијата и сумата која се емитува. Адвокатите кои ја имаа проучено состојбата со стапувањето на договорот од Пржино знаеја дека само на тој начин нивните клиенти ќе бидат сигурни дека емисијата е легална. По истата логика и денес, тие размислуваат исто околу евентуалната желба на владата за нова емисија.

За да купи уште некое време, Груевски врши огромен притисок врз владата да го искористи отсуството на СДСМ во неа и да издаде нова еврообврзница со која ќе ја остави последната најголема мина за македонските граѓани и економија. За Ставревски ова е последниот момент да собере сила и да се отпушти од “орото“. Со негово спротивставување барем за овој потег тој би ја намалил својата одговорност и пред крајот би докажал дека стварно мисли дека е лудачки да се троши за чоколади кога се нема за леб. Воедно и сите други членови на владата мораат да знаат дека било која идна влада ќе го оспори издавањето на ваква еврообврзница а тие ќе сносат одговорност. За евентуалните кредитори кои ќе се заинтересираат за купување на оваа еврообврзница само ги потсетувам дека состојбата не е смената, и дека единствен легален начин на емисија е процедурата како при издавање на последната еврообврзница. Се друго е само диктаторска одлука за задолжување од страна на фамилијата.

Извор: Фактор