Кинеската амбасада донираше 30.000 евра на Министерството за здравство

0
920

Кинеската амбасада во земјава денеска му донираше 1.930.000 денари или 30.000 евра на Министерството за здравство за справување со пандемијата со корона вирусот.

Средствата се собрани од страна на Кинеската амбасада, а наскоро се очекува во земјава да пристигне и донацијата од кинеската Влада.

– Донацијата е подготвена, само треба да се договорат техничките детали околу преносот. Кога Кина ги преживуваше најтешките моменти, вашиот претседател и Министерството изразија голема поддршка. Затоа сега е момент да направиме нешто и ние за Вас, истакна кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, кој лично му ја врачи донацијата на министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот изрази благодарност за донацијата и рече дека би било добро да разменат искуства со кинески епидемиолози и инфектолози, бидејќи вирусот во Кина е веќе во една поодмината фаза.

– Свесни сме дека има голема побарувачка на заштитна опрема секаде во светот и затоа сме благодарни за оваа помош. Би било добро на било кој начин да направиме некаква релација со епидемиолози или инфектолози од Кина бидејќи таму вирусот е во поодмината фаза, рече Филипче.

Го информираше амбасадорот дека земјава има стратегија за следните чекори кои би се презеле во наредните месеци по мерките за рестрикција.

Од кинеска страна помош е стигната и на ниво на збратимени градови. Така, збратимениот кинески град со Градот Скопје има донирано 50 илјади маски, а збратимениот град на Прилеп има испратено 200 заштитни одела.

На денешната кратка средба беше разговарано и за организирање на видеоконференција која би се одржала на почетокот на мај, а на која е поканет министерот Филипче лично од директорот на Државниот совет на јавно здравје во Кина.