КАЈ НАС ЌЕ ГО УБИЈАТ

0
1510

“Сигурно.“ – ми рече Бранко, поранешен офицер на Армијата на Република Српска, ветеран од војната во Босна. “И кај нас, и во Србија, сигурно ќе го убијат.“ – додаде.

Чекореше покрај мене со брз чекор и со неверување гледаше во мене. Не можеше да сфати дека премиерот кој можеме да го слушнеме како договара провизија од 18 милиони евра, промена на државното име, изборни измами, физички напад на градоначалник и уште еден куп кривични дела, сеуште е премиер.

“Ех да е само тоа.“ – додадов. “Истиот овој премиер 10 години си поигрува со македонските бранители. Ги тужеше семејствата на бранителите кои загинаа во војната во 2001-та. Бараше од нив да ја вратат земената оштета и тоа со законска камата, ги тужеше и воените инвалиди од 2001-та. Не дозволи да се одликува ниту еден единствен жив бранител, војници на АРМ кои ја бранеа Македонија во 2001-та ги исфрли на улица како кучиња, некои бранители завршија во затвор во политички монтирани судења.“

“И тоа не е сѐ.“ – продолжив. “Ги амнестираше злосторниците од Хашките случаи. Злосторници кои на суров и брутален начин се изживуваа врз недолжни цивили, ги амнестираше и злосторниците кои киднапираа, измачуваа и убија 12 македонски цивили. Стави командант од УЧК за Министер за одбрана, му дозволи на командантот на косовската УЧК Рамуш Харадинај да дојде во Тетово и да биде прогласен за почесен граѓанин на Македонија, дозволи во Скопје да се отвори музеј на УЧК, улици и училишта на незаконски начин да се преименуваат според имиња на балисти, уништен тенк на АРМ служи како споменик на УЧК во близина на Скопје. Пред неколку месеци ги прати специјалците како јагниња на клање. Осум полицајци загинаа. Десетина се тешко ранети. Искасапени. Под многу чудни околности. Не дозволува да се заврши истрагата за расветлување нанивното убиство.“

“Не е можно!“ – викна Бранко. “Претеруваш!“ – додаде.

“Ех да е само ова“ – повторив уште еднаш. “Има уште толку многу работи“. Додека пеш вртевме кругови околу кампот во кој бевме сместени продолжив да му раскажувам за ситуацијата во Македонија.

“Но најстрашно од сѐ е што тој не само што не сѐ повлекува туку се прави луд, како ништо да не било. Ни срам ни перде. Ги гледа граѓаните во очи и лаже.“ – завршив.

“Да е кај нас ние ќе го убиеме!“ – неговиот глас иако тивок, звучеше страшно во темнината.

“Ај не заебавај. Како тоа ќе го убиете Премиерот? – го прашав збунето. “Кој ќе го убие?“ – допрашав.

“Државата“ – рече. “Самата држава.“ – додаде.

“Како кога тој е на чело на државата?“ – гледав во него со збунет поглед.

“Тој е на чело на државата но тој не е државата! Државате е многу повеќе и од него и од било кој друг. Државата е држава!!! Ако вашата држава навистина е држава, ќе најде механизам како да се ослободи од него. Самата држава ќе се ослободи од него.“ – тивко заврши Бранко.

Замолкнав. Почнав да размислувам. Ние држава сме или не? Да, држава сме. Можеби имаме слабости но сепак сме држава. Значи има надеж. Државата ќе најде начин. Како да се ослободи од штетниците. Од паразитите. Кои ја цицаат крвта македонска. Кои го јадат месото македонско. Кои го убиваат духот македонски. Само, нека биде без убивање. Без насилство. Со народ. Со многу народ.

Генерал Стојанче Ангелов