КАРПУЗОВСКА ОД ЕВН ВО ИЗЈАВА ЗА ФАКТОР : НЕМА ЗАСТОЈ КАЈ ДАВАЊЕТО СОГЛАСНОСТИ ЗА ПРИКЛУЧОЦИ ЗА ФОТОВОЛТАИЦИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНААТ КОМПАНИИТЕ

0
500

Во услови на енормен пораст на цената на електричната енергија на меѓународниот пазар, кај компаниите во земјава владее огромен интерес за поставување на фотоволтаични системи, како и за нивен приклучок во дистрибутивната мрежа.

За тоа колкав интерес постои и како се одвиваат сите процедури поврзани со овој процес, но и колкав временски период е потребен за да се добие приклучок на фотоволтаичните системи во дистрибутивната мрежа, Фактор разговара со Ленче Карпузовска, одговорна за комуникации во ЕВН Македонија.

Колку барања има компанијата за приклучок на фотоволтаични системи во дистрибутивната мрежа, и дали е точно дека, како што посочуваат некои од компаниите, постои застој во давањето на согласности, односно, колкав временски период во просек чекаат компаниите?

Карпузовска: Во последната година во Електродистрибуција има енормно зголемен број на барања за приклучок на фотоволтаични системи во дистрибутивната мрежа. Нема застој во давање согласности за приклучок согласно законските рокови, и покрај големиот број барања. Бројката на пристигнати барања и издадени согласносто се менува од ден во ден, тоа е динамички процес. Заклучно со денес, од почетокот на годината вкупно пристигнати барања од компании за добивање согласност за фотоволтаично производство на електрична енергија се 392, со вкупна инсталирана моќност од 160 MW. Издадени се 307 согласности за приклучок на компании производители, од кои со 175 се и потпишани договори од двете страни и почната е процедура за нивна реализација, а за 132 издадени согласности се чека прифаќање на договорот од страна на инвеститорите. Во моментот во обработка се само 85 барања со околу 55 MW и истите ќе бидат затворени согласно законските рокови. Досега сите издадени согласности (РСПДМ – решение за согласност за приклучок на дистрибутивна мрежа) се во просечен рок од 20 до 35 дена односно пред законскиот рок од 40 дена. Нема ниту една официјална жалба дека се доцни по овој основ, ниту во Електродистрибуција, ниту во Регулаторна комисија за енергетика. Потребната документација која се приложува со барањето е дефинирана согласно Закон за енергетика и Закон за градба, и тоа не е поврзано со ЕВН или со Електродистрибуција, ние само постапуваме по законските правила.

Какви се процедурите низ кои треба да поминат компаниите баратели за фотоволтаичен приклучок, кои се документи се потребни?

Карпузовска: Се поднесува барање за приклучок во Електродистрибуција, потоа се добива решение и договор за приклучување и по потпишување и исполнување на условите во договорот се започнува постапката за физичко приклучување. Потребни документи согласно Закон за енергетика и закон за градба се Дозвола за градба или дозвола за поставување на панели на кров и тоа се основни документи. Потоа, извод од Централен регистар, имотен лист, извод од Катастар и основен проект врз основ на кој е добиена дозволата за градба. Електродистрибуција има законски рок од 40 дена по поднесено барање за издавање на согласност за приклучување. А потоа 50 дена за физичка реализација на приклучокот и 70 дена за добивање евентуални дозволи за градба, за поставување кабли, трафостаници и генерално поставување на енергетска инфраструктура.

Постоечката мрежа не ги задоволува потребите за градба на големи капацитети на обновливи извори и поради тоа е потребно надградба на мрежата, што само по себе значи поголем временски период за изградба и реализација на приклучокот. Доколку има било какви компликации за издавање дозволи од други институции, може да се пролонгира времето на реализација и до една година особено за барањa кои се однесуваат за поголем капацитет (поголеми од 1 MWинсталирана моќност). Кај барањата за поголема инсталирана моќност се бара најпрво траса, па детализирање на трасата – дали има проблеми и имотно правни компликации, па следи избор на проектантска компанија за инфраструктурен проект, па избор на изведувач за земјено градежни работи и доколку после тоа нема никакви отворени прашања, следи физичка реализација.

Каде главно се појавуваат проблемите за кои реагираат компаниите?

Карпузовска: Најголеми проблеми се јавуваат при постапките за обезбедување дозволи за градба на водовите. Инвеститорите треба да бидат запознаени дека Електродистрибуција ја поминува истата постапка за вадење дозволи како и тие. И сите ќе се согласиме дека тоа не е едноставно. Од нас се очекува градбата на фотоволтаичните проекти да отпочне веднаш по добивање на согласноста без обезбедени дозволи за градба, што не е можно и би било незаконски.

Затоа и ние ги подржуваме сите измени што се во насока на поедноставување на процедурите.

Што треба да знаат барателите на согласностите, каде тие треба да се обратат?

Карпузовска: Најважно за компаниите е да достават комплетна документација и да се обратат во Електродистрибуција, во локалните корисничко енерго центри (КЕЦ), преку маил или преку контакт центарот. Секако, за прв контакт најдобро е преку маил [email protected] по што соодветно ги насочуваме, информираме и опслужуваме сите баратели.

Што треба да знаат домаќинствата кои бараат приклучок за фотоволтаичните системи?

Карпузовска: Согласност за приклучување (РСПДМ – Решение за согласност за приклучок на дистрибутивна мрежа)) за потрошувач-производител се издава од страна на КЕЦ (Корисничко енерго центар во Електродистрибуција) во рок од 15 дена од датумот на поднесување на барањето БСП1 (Барање за согласност за приклучување на потрошувач-производител)

(https://www.elektrodistribucija.mk/Services/New-electricity-connection-for-a-distributed-produ.aspx

Доколку вкупната моќност на издадените РСПДМ за производители и потрошувачи-производители не ја надминува вкупната моќност на производни постројки по ТС (Трафостаница), се пресметуваат административни трошоци (Издавање на нова енергетска согласност чини 3.690 денари).

За сите останати случаи се пресметуваат реални трошоци за приклучување со надградба на постојната мрежа кога истата нема капацитет за новите барања.

https://www.elektrodistribucija.mk/Files/Uslugi/Docs/WEB_Cenovnik-na-Uslugi_Noemvri-2019.aspx