КАНЗУРОВ: ДЕНЕСКА Е РОДЕНДЕН НА ВМРО ДПМНЕ, КАКО ВЧЕРА ДА БЕШЕ, НО ПАРТИЈАТА ОДАМНА НЕ ЛИЧИ НА СЕБЕ

0
1307
На денешен ден е создадено ВМРО-ДПМНЕ. Присуствував на основачкото собрание, кое се одржа точно пред 30 години, токму во овие претпладневни часови, во скопскиот Младински културен центар, кој тогаш се викаше Дом на млади „25 Мај“. Беше сончев, скопски, неделен ден.

Во партијата се зачленив ноќта меѓу 8 и 9 јуни 1990, во една студентска барака во „Медицинар“ (тоа беа импровизирани објекти за живеење на студенти, кои се наоѓаа во поширокиот центар на Скопје, во кругот на Државната болница и Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет, под падините на планината Водно).

Одејќи на основачкото собрание, не верував дека полицијата ќе дозволи формирање политички субјект со такви отворени антијугословенски позиции. Денес тој политички субјект не личи на себеси. Ако ги внесеме во ист временски период тогашното ВМРО-ДПМНЕ и сегашниот правен субјект, кој себеси така се нарекува, тоа би биле двете меѓусебно најспротивставени политички партии во историјата на плуралистичка Македонија.

Што повеќе да се каже, кога и самиот прв лидер на ВМРО-ДПМНЕ (1990-2003), експремиерот (1998-2002) и сегашен претседател на (основаната во 2004 год.) ВМРО НП, Љубчо Георгиевски, пред парламентарните избори 2011 година, напиша дека „сегашното ВМРО-ДПМНЕ е нешто помеѓу Странката на Југословените и Сојузот на комунистите – Движење за Југославија“, ако се префрлиме на идеолошкиот терен од раните 90-ти години.

Во ова наше денешно време, а и доста години наназад, криминалната банда и политички субјект, кој себеси се нарекува ВМРО-ДПМНЕ, а дел од народот го вика ДПМНЕ-Ваљево, е најголемото зло во Македонија. Колку и да ми е тешко да признаам, чувствувам морална потреба да им се извинам на граѓаните на Македонија, за тоа што учествував во создавањето и градењето на нешто, кое се претвори во вакво зло.