Калајџиев: Одлуката на судот е кривично дело против правосудството!

0
1170

Одлуката на Основниот суд Скопје 1, снимките од прислушувањето да се издвојат како незаконски прибавени докази, предизвика бура во експертската јавност. Гордан Калајџиев, професор од Правниот факултет на УКИМ во изјава за Дојче веле, смета дека тоа е саботажа на специјалниот обвинител и попречување на правдата, за која некој еден ден треба да одговара.

gordan-kalajdziev-flickr-FOSIM-640x320-540x270

„Да не се лажеме, знаевме дека Судот ќе биде наклонет кон политичките моќници. Фактот дека ова е силно организирана банда, подобро е да се констатира со време, па да се бара чаре со посебен суд или слично. За волја на вистината, знаевме и дека ќе ја спорат законитоста на доказите од разговорите, но дека ќе ги издвојат уште пред да се истражи случајот, а и да се попречува истрагата за тоа кој снимал незаконито – е кривично дело против правосудството“, предупредува Калајџиев.

Според него, судијата не е надлежен во предистражна постапка, бидејќи неговата надлежност е изречно во делот на истражна постапка 294 ЗКП.

„Предистражната постапка е тајна (чл. 289) и до Судот осомничените или други лица може да се жалат ако нешто незаконито направиле ЈО или полицијата (чл. 290), но не и за незаконитост на доказите, за кои се тврди дека некој трет ги собрал незаконито. Законитоста на доказите се цени во истражна постапка, што е јасно во член 93, каде изречно се говори за фаза на истражна постапка, но и за странки. Не верувам дека може да се сметаат за странки кога уште не се ни испитани како осомничени лицата кои се споменуваат во одлуката (Груевски, Мијалков и други), кои колку што знам не се ни распрашани, ниту против нив е донесено решение за истражна постапка! Според мене, судијата немал овластување да ги бара списите и да ги издвои доказите“, вели Калајџиев.

Во однос на делото неовластено прислушување, вели дека разговорите кои се снимени, всушност се корпус деликти за самото дело и нивно издвојување е сериозно попречување на правдата.

„Освен што се докази за ова дело, не може ни да се тврди дека тие во врска со тоа дело треба да се издвојат како незаконити, што би било исто како незаконито произведена дрога одземена од осомничените што не се издвојува бидејки е незаконито произведена! Нема белким сторителите/нарачателите на незаконитото прислушкување да се вадат на тоа дека прислушкувањето било вршено незаконито“, реагира Калајџиев.