КАКВА ЦРНА НОРМАЛИЗАЦИЈА

0
1031

1.

Го читам Фрчкоски со неговите ставови за неопходноста од радикална нормализација, денес-утре, кога-тогаш. И не само Фрчкоски. Сите више вергламе едно те исто. Ама кога ќе ви запне за око наслов од типот „Срѓан Керим ги продолжува консултациите во Њујорк“, и тоа лепнат на првата страница од некогаш угледен дневен весник, дефинитивно ви е јасно дека нормализацијата останува на нивото на „мисловна именка“ (што ли да значи таа чудна флоскула!) и дека ѓаволот е одамна добро закотвен меѓу нас. Не мислам на Керим, нема тој (ни) такви капацитети, ама мислам на новинарството, на информирањето, на стандардите за тоа што е вест а што лага, за димензиите на нашата комплетна забеганост во водите на манипулацијата … за сето ова што не’ опкружува.

И кои црни консултации, какви консултации, со кого, за што …? Ќе си речете дека човекон е тој без кого не се може, некаков фактор во меѓународната политика, дека без него не почнуваат ни Г6 ни Г16 форуми, дека жари и пали низ планетава Земја, а богами е подготвен да тргне и на интерпланетарни мисии, само ако некој го побара. Ене, на пример, на еден од Јупитеровите сателити откриле вода! Не бива ли да замине на една подолга експедиција во тие краишта и малку да не’ олабави? И така во ОН им глуми загриженост за глобалното затоплување – но не и за домашното заглупување, се разбира – па нека се покаже, на дело.

И што ако тоа се негови весници што објавуваат такви будалаштини? Па белки не се само негови. Или, ако можат да ги објавуваат оние срања на Сарајлија, па на „публицистон и режисерон“ и уште редица други шапшали, зошто пак да не можат на/за – газдата? Држи и таа логика, ама повторно: кои се тие негови консултации во Њујорк, со кого и за што, и со што тоа не тангира нас, освен што тој „се консултира“ трошејќи големи  наши пари. Па ако е таков господин каков што милува да се претставува, и таков газда, нека троши свои пари. И кој може ова да го нормализира?

2.

И не дека имам нешто многу против такви паунести билмези, ама нејќам да ми ги трошат парите за нивни идиотлуци. И оние на Владата. Ние ќе сме му дале на светот генсек на ОН!?

Иако можеби јас сум еден од малкуте кој нема против дури и на таквите наши амбиции, ама кога би биле барем малку втемелени во реалноста. И во квалитетите на личноста за која (ќе) се залагаме. Ама за Керим!? Па дајте ве молам. И зошто? За да му исполниме уште една налудничава желба зашто тој на бандитиве им исполнува неброено многу преку неговите весници? Или, со што Македонија, односно ова злосторничко здружение на власт, го задолжи регионот, Европа, па и светот, за да ни поверуваат дека и ние можеме да бидеме дел од високите политики а не само од високите криминали, дека и ние имаме квалитетни луѓе а не само шверцери на евра? Она што ние фактички му го нудиме на светот последнава деценија се само бедеми од концентрични кругови на лаги и измами околу бандата на власт како јадро на една ненародна автократска политика. Пропагирана токму (и) од медијската „империја“ на дотичниот. И мислат дека тоа е влезницата за светот на идеите?

Зошто некој (нормален) во ОН би гласал за наш кандидат, инаку прошверцуван како таков токму на истиот начин по кој и тој стана познат во светот на политиката? Кои се тие наши / нивни / негови (не само политички) успеси за таков потенцијален натпревар? Оние наслови што ни ги посочува Геровски: „За инфраструктурни проекти 400 милиони евра во Буџетот за 2017-та; Над 70 милиони евра капитални инвестиции во здравство и образование во 2017-та година; Во патна инфраструктура ќе се инвестираат 20,16 милијарди денари …“(инаку прецизно именувани како „наслови за идиоти“) и уште стотици исти или слични низ годиниве? Или навистина нашиве мислат дека светот е составен од идиоти? Ај нормализирајте го ова?! Или она веќе „чувено“ на оној шапшалон за аптеката и бозата?! Па попрво во земјоделска аптека ќе најдете боза отколку законитост, право и правда на македонските судови!

3.

И сето ова во контекстот на продолженото наше живеење, и дивеење, во светот на лагите, каде веќе сите загубија трага во што се’ сме први, во што сме лидери или веднаш при врвот, какви се’ успеси секојдневно постигнуваме … И сето тоа низ окото на вмровизацијата на опкружувањето и  „весниците“ на дотичниот од консултациите во Њујорк. И не само неговите. И не само тој, додуша. Се намножија таквите бараби од курирски тип зафаќајки се’ подлабоко и подлабоко во торбата со марифетлуци, лаги и измами само за да го оттргнат вниманието од вистинските случки низ државава, од СЈО и конкретизираните обвиненија, од претстојните избори … од колапсот на целата држава!

И до кога тоа ние сме должни да исполнуваме желби на секоја будала што се гледа себеси како генсек, како претседател на ова или она, дури на држава, како премиер, министер …? Со што тоа не’ задолжиле тие луѓе, што направиле за државата, за нас? Малку ни беше што Хорхе се виде себеси во два мандати претседател на држава, па оној шалтерски службеник посака да биде премиер, па и тоа му беше малку па сакаше да биде и архитект, и историчар, и музеолог … малку ли желби се исполнуваа минативе десет години? Видете ги само оние битанги во Парламентот! Уште овој ли ни фали, ни мање ни више туку – во Њујорк!? Како ли се нормализираат такви желби?

Златко Теодосиевски, историчар на уметност и кустос