И на Стопанската комора И ПУКНА ФИЛМОТ и почна да ја критикува економската политика на РЕЖИМОТ : Компаниите во ТИРЗ, нелојална конкуренција за текстилните фабрики

0
1192

Компаниите во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) се нелојална конкуренција на текстилните фабрики, бидејќи квалификувани работници заминуваат да работат кај странските инвеститори кои се ослободени од плаќање давачки за нив.

Ова денеска го истакна претседателот на Здружението на текстилната индустрија и конфекција при Стопанска комора на Македонија, Ангел Димитров.

– Се случува обучени работници, во чија едукација сме вложувале 20 години и за кои сме плаќале придонеси, да ги напуштат текстилните компании и да заминат во некоја од фабриките во ТИРЗ за 1.000-2.000 денари поголема плата. Тие се ослободени од плаќање на придонесите за вработени и од тие пари им се дава не многу повисока плата на работниците. Ние не можеме да го забраниме тоа право на работниците, но бараме одредено изедначување во однос на поволностите. Ослободувањата од давачките за странските компании нека важат за вработувања на лица кои не се вработени, односно се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, а не за веќе обучени кадри – додава Димитров.

Поради овој тренд, сè повеќе се намалува бројот на вработени во текстилните фабрики. Од 2007 година, бројот на работници во текстилната индустрија е намален за 6.000 лица. Според Димитров, на овој начин се прави и дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој со трансферот на работниците останува без парите што дотогаш текстилните компании ги плаќале за нив.

Во однос на состојбите во текстилната индустрија, Димитров додаде дека има огромен расчекор меѓу потребите на бизнисот и квалификуваниот кадар.

– Има прилив на високостручни кадри кои завршиле виско образование, но немаат минимално знаење. Потребно е да се создадат критериуми за тоа кој може да се запише и да заврши факултет. Ние во компаниите добиваме кадри кои немаат основни стручни познавања. Потребно е да се воведе и миниум знаење за висококвалификуван кадар – додаде Димитров.

Тој уште еднаш ја истакна потребата од соработка меѓу факултетите и стопанството, кои во моментот, според него, се во голем расчекор.

Лон-производството кај текстилните фабрики е 97 проценти од вкупното производство, а текстилните работници бараа поддршка и субвенции од државата таа структура во работата да се промени.

Имено, тие побарале од државата субвенционирање за да можат да набават современи машини со помош на кои ќе ја зголемат продуктивноста и лон производството ќе го преобразат во класично, така што би извезувале готови производи под сопствен бренд.

Во првите седум месеци извозот во текстилната индустрија изнесувал 359 милиони долари и забележал зголемување на пет проценти во однос на лани. Оваа индустрија во вкупниот извоз учествува со 11 проценти.

Извор: Мета