Итно почнување на преговори со Скопје и Тирана, бара Нацрт резолуцијата на ЕПП

0
1050

Нацрт итната резолуција поднесена од хрватската владејачка партија ХДЗ на овогодинешниот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб го повикува Советот и земјите членки да се заложат за носење позитивна одлука што е можно поскоро за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Резолуцијата, како што пренесува „European Western Balkans“, бара да се признаат позитивните напори од процесот на проширување, како и да се увиди назадувањето од неносењето на одлука во регионот.

– Растурањето на политиката на проширување може да доведе до зголемување на нестабилноста во непосредното соседство на ЕУ и да отвори простор за странски актери, чии активности можеби не се во согласност со вредностите и интересите не ЕУ, да остварат поблиска соработка со Северна Македонија и Албанија, се вели во документот.

Интензивирањето на имиграцијата од регионот, исто така, се посочува како можна последица од ваквата одлука. Дополнително, се наведува, дека неуспехот на ЕУ за старт на преговорите со Северна Македонија предизвика предвремени избори во земјата, што резултира со пад на кредибилитетот на оние што прифатија компромиси.

– Потребно е да се преземат сите напори за организирање на слободни, фер, демократски и кредибилни избори на 12 април 2020 година, се вели во драфт резолуцијата.

Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година се гледа како единствена можност да се оцени, обнови и освежи процесот на проширување.

На Конгрес на ЕПП се очекува денеска да бидат усвоени резолуција и итна резолуција.