ИСТОРИСКИ НАСТАН: Генерал Ангелов положи цвеќе пред гробовите на 10 деца и жени убиени од МВР и АРМ во 2001-ва година во Слупчане, Кумановско!!!

0
1643

Црнила

Полека ја отворивме влезната капија од црно ковано железо. Влеговме внатре. Се приближивме до блиските гробови. Погледнав напред, погледнав горе, погледнав лево и десно. Гробови десет, букет еден. Еден букет за десет гробови. Еден букет за десет загинати цивили. Застанавме мирно. Без да мрдам, со здрвен поглед, размислував и молчев. Минута подоцна полека го спуштив цвеќето врз гробот пред мене.

Валбона Зимбери, пишуваше на надгробната мермерна плоча. Родена март 1994-та во Слупчане, почината мај 2001-та во Слупчане. Седумгодишната ќерка на Абедин Зимбери. Молчешкум стоев пред гробот на неговото дете. Се чувствував лошо. Се чувствував многу лошо. Гледав долу, право во детскиот гроб, па ќе го тргнев погледот и ќе погледнев наоколу. А наоколу… Мермерни гробови. Мермерни гробови во кои почиваат локални цивили. Десет гробови со невини деца, момчиња и жени. Молчев, се кршев, тагував и прашував.

Подрумот на смртта

„Во подрумите на две соседни куќи во Слупчане беа засолнати поголема група цивили“, почна да раскажува Абедин. „Тој ден имаше голема офанзива на македонските безбедносни сили. Во жарот на борбата, додека тие пукаа по нас, а ние по нив, граната удри во бетонскиот ѕид на подрумот во кој беа засолнати локалните цивили. Гранатата го проби бетонскиот ѕид и влета внатре во подрумот. Се слушна силна експлозија. Метални шрапнели се распрснаа на сите страни. Бев во непосредна близина, видов како од куќата се крева прашина и чад. Најбрзо што можев се стрчав кон куќата која почна да гори. Влетав во подрумот“, продолжи Зимбери.

„Внатре беше страшно. Лелеци и врисоци на сите страни. Мирисаше на крв, барут и смрт. Искасапени луѓе, деца и жени, преплашено викаа за помош. Помеѓу нив забележав неколку мртви. Во едно од мртвите тела го препознав мојот 12 годишен син. Паднат на земја, со расцепена глава точно на сред чело, облеан во крв. Бев вџашен и скршен од бол. Клекнав и немоќно зјапав во него, зјапав во мојот мртов син. Истовремено во главата ми продираа силни крици. Ранетите цело време лелекаа и бараа помош. Го оставив синот да лежи таму, на бетонскиот под во срушениот подрум. Немав време за тага, морав да им помогнам на живите, тешко ранети луѓе, кои лелекајки бараа помош. Полека, еден по еден, од подрумот почнавме да ги изнесуваме најпрво тешко ранетите, крвјосани луѓе. Одеднаш еден роднина дотрча до мене“, низ болка раскажуваше Зимбери. „Син ти е жив!“, ми викна. „Жив е, почна да мрда.“

„Силно скокнав и летнав по скалите, назад во подрумот. Клекнав над мојот син. Облеан во крв, со страшна рана на главата, но жив“, тука Абедин подзастана, подголтна и малку потоа продолжи. „Откако ги извадиме ранетите почнавме да ги собираме мртвите“, тука Абедин сопре. Погледот му се застакли, грлото му се стегна, гласот одеднаш му го снема. Направи мала пауза, повторно собра сила и целиот скршен, со болка продолжи да збори.

„Неколку од загинатите беа разнесени на делови, крв течеше на сите страни. Моравме да ги собираме парче по парче, дел по дел. Да биде пострашно и посурово, сите до еден се презиваа Зимбери. Меѓу тешко ранетите беше и мојата седумгодишна ќерка Валбона Зимбери. Целата во крв, со разнесено рамо, распаран стомак и оштетени бубрези. Почина неколку дена подоцна“, тука Абедин не издржа и запре. Не само Абедин. И јас бев растревожен од она што го слушав. Грлото ми се стегна, не можев да зборувам. Се гледавме, молчевме и размислувавме.

Шест мртви и десетина тешко ранети цивили бил билансот од смртоносниот подрум. Една млада мајка со својата 2 годишна ќерка и својот 3 годишен син, едно 7 годишно машко дете, едно 14 годишно девојче и една млада 24 годишна жена. Седумгодишната ќерка на Зимбери починала неколку дена подоцна. Силните експлозии кај две бремени жени предизвикале предвремено пораѓање. Поради лошите услови една од жените умрела за време на породувањето. Наредниот ден починале и двете штотуку родени бебиња. Вкупниот биланс на смртта, во тие неколку денови, бил 10 мртви цивили.

Војничка чест

Некаде во тој период, додека во подрумот гинеа цивили, од страна на УЧК во кумановско-липковскот регион беа заробени неколку војници на АРМ и неколку Македонци цивили. И покрај силната болка и психичка траума предизвикана од тешката семејна загуба, Абедин Зимбери, како командант на воената полиција на УЧК, не дозволил да го совлада омразата и со изречна команда ги заштитил заробените војници и цивили. Никој од нив не бил убиен, ниту измачуван. По извесно време, сите заробени лица беа ослободени.

Понатаму, како највисок старешина на УЧК во овој регион, и покрај суровата семејна загуба, Абедин не дозволил да биде извршено ниту едно воено злосторство врз македонските цивили, за разлика од тетовскиот регион во кој има 14 убиени и уште најмалку 5 безмилосно измачувани цивили.

Со Абедин имаме учествувано во најмалку една заедничка битка, се разбира од спротивни страни и морам да признаам дека се бореа храбро, пожртвувано и добро, иако, беа далеку послаби од нас, специјалците од Тигрите. Во една прилика предводев напад на Тигрите врз село Оризаре, Абедин ја предводел одбраната на селото од другата страна. Но, за тоа во некоја друга прилика ако смогнам сила.

Абедин е и долгогодишен одличен каратист и тренер на активен карате клуб во кој вежбаат многу деца и млади од липковскиот крај. Зборувајки за каратето, сфативме дека во деведесетите години се имаме борено на заеднички натпревари и турнири во тогашната карате лига.

Ова се неколку силни моменти кои и покрај сѐ, барем кај мене, предизвикуваат почит кон мојот воен непријател од 2001-та, Абедин Зимбери.

Целата сторија, на МКД.МК