ИРЛ: (ДОКУМЕНТИ): Како кумот на Груевски со Камчев и Мијалков и партиски пари си пазареа приватен плац на Водно

0
1597

Во шест трансакции во период од единаесет месеци биле префрлени парите со кои поранешниот премиер Никола Груевски ги купил атрактивните плацеви на Водно, пишува ИРЛ.

На сметката на „Сирах инженеринг“ од Скопје во периодот од 19 октомври 2012 година до 4 септември 2013 година биле префрлени вкупно 1.299.515 евра. Овие пари, според сомнежите на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, биле донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ и наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во 11.000 метри квадратни земјиште на Водно. Груевски е првоосомничен за кривичното дело перење пари, а во тоа му помогнале Сашо Мијалков и неговиот кум Ристо Новачевски. Осомничени се и Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ кои, според обвинителството, се обиделе да ја прикријат сопственоста на купените парцели на Водно. ИРЛ објавува договори склучени помеѓу офшор фирма од Белизе, преку која парите биле префрлени на компанија сопственост на кумот на Груевски, Ристо Новачевски. Како и трансакции од банка на Кипар кон крајната дестинација Стопанска Банка Битола.

Белизе Сити, 31 мај 2012 година

На адресата 1/2 Мајлс Нортерн Хајвеј во Белизе Сити се формира нова офшор фирма. Се регистрира под името „Сирах лимитед“, а директор е Ефстратиос Менелаоу од Никозија. Македонскиот контакт се појавува на 25 јуни кога како застапник се впишува Александар Ивановски од Скопје, во јавноста познат како Алек Теранова и бизнис партнер на Сашо Мијалков.

Скопје, 9 септември 2012 година

На 9 септември со седиште во стан во Кисела Вода во Скопје „Сирах лимитед“ ја формира се формира својата фирма ќерка „Сирах инженеринг“ со паричен влог од 1,7 милиони евра, на која за управител е назначен Ристо Новачевски. Веднаш потоа почнува операцијата за префрлање на парите од Белизе во Македонија.

Копија од лична карта на Новачевски доставена до Централниот регистар како управител на „Сирах инженеринг“

Охрид, 19 октомври 2012 година

Почнува Глобалниот инвестициски самит на кој присуствуваат над 350 учесници. Мотото е: „Преку бизнис-дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“. Додека домаќинот на настанот Никола Груевски зборува за зајакнување на соработката меѓу домашниот бизнис и дијаспората, на сметката на „Сирах инженеринг“ во Скопје легнуваат 586.000 евра. Парите се префрлени од кипарска банка, посредник е италијанска банка, а во Македонија стигнуваат на сметка во Стопанска Банка Битола. Неколку денови подоцна од Белизе стасуваат уште половина милион евра, кои според офијални документи од Централниот регистар, се повлекуваат од сметката во Стопанска Банка Битола. Последната трансакција е на 4 септември, со која вкупно на сметката на „Сирах инженеринг“ се префрлени 1.299.515 евра.

Целата сторија на ИРЛ.