ИНЦИДЕНТ ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА : БИТОЛСКИТЕ ПАЗАРЏИИ УПАДНАА СРЕД СЕДНИЦА НА СОВЕТ ОТКАКО СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ И ПОИНАКУ ГЛАСАА ВОЗДРЖАНО СО 16 ГЛАСА ПРОТИВ ДОДЕКА СОВЕТНИЦИТЕ НА СДСМ И ЛЕВИЦА ГЛАСАА ЗА ОДЛУКАТА ТИЕ ДА СЕ ВРАТАТ НА ПАРКИНГОТ ОД НОВИОТ ПАЗАР КАДЕ ДОСЕГА ПРОДАВАА СО ЗАКУПЕНИ ТЕЗГИ

0
1093

Вака револтирано пазарџиите од Новиот пазар во Битола изреагираа откако битолските советници со 11 гласа „за“ и „16“ воздржани не ја ставија како дополнителна точка на дневен ред промената на одлуката за враќање на пазарџиите на паркингот до месец декември.

Пред почетокот на седницата  кажаа зошто бараат промена на одлуката.

„Произведувам 45 години бостан. За прв пат сега ме носат на тезга да продавам . Не ми дозволуваат внатре бостанот да го растоварам, него бостанот мора да го носам на раце. Сакам да ги прашам дали тие знаат што значи Кванташки пазар односно пазар на големо? Тој таму беше пазар на големо. Ние продававме 80% од робата на големо. Ние ја снабдуваме цела Западна Македонија и преку 500 луѓе таму продававме и егзистиравме“, рече Живко Атанасовски, земјоделец.

„Моментално сме тука 50 до 60 пазарџии, меѓутоа сите не се дојдени, по нивите се уште, ако треба понатаму ќе се мобилизираат и тие. Уште пример не е стигната реколтата на пиперката, зелката, како што носеше сезоната така стигаа се повеќе и повеќе, некогаш бевме по 100 до 200 души на пазарот, тоа се 200 фамилии што ќе останат без јадење“, рече Гоце Димовски, земјоделц.

Одлуката која што ја донесовме беше на барање на граѓаните на Општина Битола, рече претседателката на Совет Илиевска.

„Секое место кое служи за паркинг, мора да биди паркинг и мора да изгледа онака како што изгледа  паркинг во 21 век. Никакво друго објаснување не можам да дадам освен тоа дека на паркинг не можат да се продаваат прехрамбени производи. Ние како советничка група неколку пати реагиравме на тоа дека мора да се исполнат оние обврски коишто треба да ги изврши ЈП Пазари и реагиравме на тоа директорката да ги исполни. Како што знаете веќе има смена на директор во ЈП Пазари и со тоа сметам дека реакцијата на нашата советничка група на граѓаните коишто не се согласувале со она што не е сработено, имало влијание и кај градоначалникот и дојде до смена на директорското место. Отука натаму сите обврски на Советот се исполнети, другите обврски се во склоп на менаџерскиот тим на ЈП Пазари и на градоначалникот“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Почна седницата, влегоа внатре и земјоделците. Од Левица побараа да биде поставена како дополнителна точка на дневниот ред.

„Одлука за промена на одлуката од седницата на Совет за враќање на пазарџиите позади Новиот пазар на паркингот до месец декември. Денес имаме несекојдневна ситуација пред зградата на општината каде што можи да видите револтирани, измачени и сиромашни граѓани на кои им го земате лебот од уста. Она што им го ветуваше градоначалникот Коњановски и директорката на ЈП Пазари Карапашовска на земјоделците, апсолутно не е ништо направено, а за тоа ќе потврдат и фотографиите кои стигнаа до нас вчера“, рече Горан Велевски, советник од Левица.

Беше дадена пауза, по паузата се гласаше за дополнителната точка.

„За“ гласаа советниците од СДСМ, ДУИ и Левица, против немаше, воздржани беа советниците од ВМРО ДПМНЕ и Поинаку.

Земјоделците револтирани ја напуштија седница на Совет, а расправата продолжи по предвидениот дневен ред.

Извор : Тера.МК