ИНТЕРВЈУ, ЗОРИЦА ЗАЕВА: Тешко е да си Зоран, ама не е лесно да си Зорица!

0
2398

Кога решивме да направиме едно „женско“ интервју со Зорица Заева, сопруга на лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, на почеток не знаевме што да очекуваме, со оглед на тоа што повеќето сопруги на нашите врвни политичари се најчесто „забранета“ зона и ретко која би се сложила во искрен разговор да ја открие семејната приватност и да ги сподели со јавноста деталите од заедничкиот живот. Но, нештата одеа дури и полесно отколку што очекувавме, најмногу поради фактот што Зорица се покажа како една сосема приземна жена, љубезна, без комплекси, без никакви барања и претходни договори, проверка на прашања и останати процедури, на кои неретко инсистираат јавните лица пред да се објави што било за нив. За себе вели дека е личност што пораснала во едно работничко семејство, каде што заедно со сестра ѝ биле подигани со две просечни работнички плати и уште од мали нозе подучувани кои се вистинските човечки вредности. Токму затоа, таа и досега останала истата личност, на која секогаш најважно ѝ е семејството, односно љубовта во бракот и децата. Во целост ви го објавуваме разговорот со госпоѓата Заева, чии чекори и постапки, како жена на политичар, веќе со години наназад се следат од медиумите и неретко беше цел на разни шпекулации и напади.

разговара Вики Клинчарова

ФОКУС: Колку време сте заедно со Зоран, каде и како се роди вашата љубов?

ЗАЕВА: Со Зоран се запознавме многу одамна, речиси од деца. Всушност, нашето познанство, со оглед на малата разлика во годините, датира уште од нашето основно образование. Тоа познанство прерасна во љубов и во сериозна врска, веќе во далечната 1995 година, при крајот на средното образование.

ФОКУС: Во времето кога бевте млади, дали некогаш помислуваше дека еден ден ќе бидеш сопруга на најпознатиот опозиционер, дека ќе станете двојка чиј чекор будно го следи речиси целата нација?

ЗАЕВА: Во тие времиња кога бевме во цутот на младоста немаше причина да помислувам на такво нешто, бидејќи и двајцата бевме фокусирани на нашата врска и плановите за завршување на факултет. Дури потоа, следејќи ги сопствените чувства и ставови, се пронајдовме во социјалдемократската идеологија и се активиравме во општинската организација на СДСМ. Од тогаш нашата припадност и верност кон партијата непрекинато трае до ден денешен.

received_614363412060082-696x522

ФОКУС: Какви промени во животот ви донесе политичката активност на вашиот сопруг?

ЗАЕВА: Со оглед на тоа што двајцата бевме активни во редовите на општинската организација на СДСМ, на почетокот и немаше некои позначајни промени во нашите животи. Зоран чекор по чекор ги искачуваше сите скалила на партиска ангажираност, од лепач на плакати и младинец кој вари кафе, преку позначајни активности во младинската политика на СДСМ, па сѐ до поголеми ангажмани во општинската организација на партијата. Подоцна, кога тој стана пратеник, а по кус временски период и градоначалник на Општина Струмица, промените во животот станаа повидливи поради неговите чести отсуства од дома. Бидејќи живееме во семејна куќа, заедно со неговите родители, помошта од нивна страна околу секојдневните домашни обврски и обврските околу децата беше повеќе од значајна. Тоа трае и денес и затоа сум им многу благодарна, како ним, така и на моите родители, кои исто ми помагаат кога Зоран е отсутен.

СЕ ТРУДАМ ОТСУСТВОТО НА ЗОРАН ДА НЕ СЕ ОДРАЗИ ВРЗ ДЕЦАТА

ФОКУС: Да се биде лидер на партија, значи да се нема одредено работно време. Како го минувате времето кога вашиот сопруг е отсутен, се одразува ли тоа на вашите деца?

ЗАЕВА: Во последните три години, покрај обврските во општината, Зоран најголемиот дел од времето го поминува во Скопје. Поради таа негова преангажираност, најголемиот товар од обврските паѓаат врз мене, се разбира, како што реков со помош на неговите и на моите родители. Се трудам колку што можам тоа негово отсуство да не се одразува кај децата, иако тоа не е толку едноставно.

ФОКУС: Како им ги објаснувавте честите отсуства на Зоран на вашите деца, Александра и Душко, кога биле помали, имало ли пропуштени училишни приредби, ноќи со температура, детски настинки, одложени летувања, солзи поради неговите професионални обврски?

ЗАЕВА: Нормално е дека имало од сѐ по нешто од тоа што го споменавте. И јас и Зоран често им објаснуваме на Александра и на Душко дека сето тоа е резултат на неговите работни обврски, како што се тоа обврските на која било друга професија, која бара слични такви ангажмани и отсуства. За среќа, тие и не се веќе така мали, па имаат големо разбирање за својот татко. Иако често им недостасува, чинам дека се веќе навикнати на таквата состојба. Зоран е внимателен и е во секојдневен контакт со нив, а секој слободен миг, најчесто за викендите, особено во неделите, го минува со нив. Најчесто гледаат филмови во домашна атмосфера, прават прошетки низ градот или се релаксираат и рекреираат на ридовите над Струмица.

FB_IMG_1464728999418-696x392

ФОКУС: Сега кога децата ви влегуваат во тинејџерските води и се во еден чувствителен период, на кој начин ги заштитувате од јавноста, од критиките на нивна сметка, од нападите од одредени групи луѓе, кои ете на некој начин не го земаат предвид тоа дека, сепак, се работи за деца, без оглед дали се тоа деца на десницата или на левицата?

ЗАЕВА: Децата се деца, и тие треба да бидат настрана од секојдневието на возрасните диктирано од политичките случувања! За жал, не е секогаш така. Мене лично многу ми пречи и ме погодува тоа што за нечии политички интереси се инволвираат и злоупотребуваат децата, без разлика кои се тие деца и чии се. За нашите не постојат и не смеат да постојат разлики во другарувањето.FB_IMG_1464728642924

Така ги воспитуваме, така тие се однесуваат. Сега, кога се веќе тинејџери и опкружени со голем круг на свои врсници, тие веќе умеат да се одбранат и самите од такви напади од одредени луѓе и другарството го ставаат над сѐ!

Нѐ РАЗВЕДУВАЛЕ АМА ПОПУСТО

ФОКУС: Во јавноста, како што впрочем пред неколку години изјави и вашиот сопруг, со години наназад ве „разведуваат“, и тоа најчесто луѓе кои дури и никогаш во животот не ве сретнале. Како ги поднесувате сите тие приказни на сметка на вашата љубов, верност, семејни односи, на вашата приватност?

ЗАЕВА: Ха, ха ха, тоа не е ништо ново! Нѐ разведувале и сѐ уште нѐ разведуваат, а јас и Зоки сме сѐ уште заедно! Тоа е само трошка од купиштата лаги што ги истрпивме во изминатиот период. Кај нас веројатно е нормално за личност на таква позиција да се измислуваат секакви приказни.

ФОКУС: Велат дека брак без доверба е како слон на стаклени штикли. Како вие ја изградивте вашата доверба, со оглед на тоа што и по сите обиди да ви остават дамка, вие, сепак, цврсто се држите еден до друг?

ЗАЕВА: Како што веќе споменав на почетокот, со Зоки сме заедно веќе дваесет и една година, а се знаеме и многу порано од тој временски период. Едноставно, се знаеме како дишеме! Довербата еден кон друг ја градевме заемно, за доброто на нашиот заеднички живот, на нас самите, а се разбира и за доброто на целото семејство. Притоа, паралелно со довербата, изградивме и заеднички „одбранбен штит“ за заштита од надворешни влијанија. Тоа што уште сме заедно и ќе бидеме заедно и во иднина е резултат на овој наш рецепт, кој ги дава посакуваните резултати!

ФОКУС: Имате ли периоди кога посакувате вашиот сопруг воопшто да не влезеше во политиката, да имавте живот подалеку од очите на јавноста, тој да имаше работа од девет до пет часот и да минувате незабележано на улица, во маркет, во ресторан?

ЗАЕВА: Да бидам искрена – да! Но, јас отсекогаш сум ги прифаќала нештата такви какви што се. На крајот на краиштата, политиката како предмет на Зорановиот интерес е нешто што го почитував како негова љубов и желба за остварување на неговите социјалдемократски стремежи, а одлуката за неговото запливување во политичките води е заедничка. Простор и место за каење нема! Размислувањата од типот  – што би било, кога би било, е само непотребно губење време.

FB_IMG_1464728331049-696x464

ФОКУС: Во чие било семејство, самата помисла дека некој член е осомничен за некакво незаконско дело, сигурно дека ќе предизвика моменти на паника, шок, неизвесност. Како вашето семејство се носи со обвинувањата и осомничувањата, дури и човек да е апсолутно невин, како сето тоа влијае врз вашето секојдневие?

ЗАЕВА: Мојот сопруг одамна изјави дека во Македонија сѐ можат да ти простат, освен успехот. Тој негов успех како градоначалник, сите негови капитални проекти кои ја препородија општината и фактот дека е единствениот во државата кој трипати ја порази државната власт на локални избори, беа причина, од самиот почеток, до ден-денешен, тој да биде трн во око за луѓето од позицијата. Како резултат на тоа, политичко-судското заедништво во државата фабрикуваше „случаи“ по свој терк, со цел политичка елиминација на успешниот. Само ние си знаеме како ни беше на почетокот кога го измислија „Глобал“. Само јас си знаев што да им кажам на децата, кои во тоа време беа мали, а прашуваа каде е тато… Последните случаи се само уште една неуспешна епизода  од таквите подли активности на власта! Некако, ни помина во навика да трпиме разни конструкции и неправди, но, за среќа, „бомбите“ ја открија спрегата меѓу политиката и судството, и сега веќе сѐ е јасно! Времето е лек за сите рани, и тоа ќе си го каже своето.

СТРАВУВАВ КОГА БЕА ОБЈАВУВАНИ БОМБИТЕ

ФОКУС: Објавувањето на „бомбите“ беше еден навистина смел чекор, посебно за човек што има семејство. Дали во некој момент се загриживте за безбедноста на вашите деца, за сигурноста на целото ваше семејство?

ЗАЕВА: Грижата и стравот се особености на секој нормален човек. Кога би рекла дека не сум се плашела или грижела за безбедноста или сигурноста на семејството, тогаш сигурно би излажала! Многу поединци и семејства во земјава страдаат и за помалку значајни нешта, а не за таква крупна и сериозна работа како што беше објавувањето на „бомбите“!

ФОКУС: Што е тоа што ви ја даде силата да останете покрај вашиот сопруг сето ова време, да стоите покрај него со исправена глава и да го поддржувате низ сите животни бури?

ЗАЕВА: На ова ваше прашање се одговара со само три збора – љубовта, бракот, децата!

FB_IMG_1464728475024

ФОКУС: Во развиените земји, обично сопругите на државните функционери се како еден вид институција, имаат свои фондации, активности, разни проекти за подобрување на одредени сфери во општеството. Какви, според вас, треба да бидат сопругите на актуелните, но и на идните врвни политичари кај нас, на пример сопругите на претседателот, на премиерот, на министрите. Дали треба да бидат само еден вид марионети што ќе се смешкаат пред објективите или, пак, треба активно да се вклучат со свои активности за подобрување на одредени области?

ЗАЕВА: Жените на врвните политичари не смеат да бидат само марионети или обичен „декор“ за пред јавноста! Но, во исто време, не смеат преку ноќ да се преобразат во тоа што не се! Така, на пример, не може жена на врвен политичар одеднаш да стане голема хуманитарка, ако до вчера немала ни Х од хуманоста! И жените на политичарите се обични човечки суштества со свои вредности и мани и тие треба да бидат прифатени како такви. Сето друго е само обична глума што веднаш се препознава.

ФОКУС: И за крај, дали е лесно да се биде Зорица Заева?

ЗАЕВА: Не е лесно да се биде Зорица Заева, особено кога знам дека во времето во кое живееме е уште потешко да се биде Зоран.

Интервјуто е објавено на електронското издание на Фокус