Интегрално прес конференцијата на СЈО: Разоткриено како криминалната тајфа на Грујо украде над 2 милиони евра со „Сончев град“ и Музејот на ВМРО

0
1134

Интегрален трансрипт од прес конференцијата на Специјалното јавно обвинитество каде презентирани беа истрагите „Топлик“ и „Тендери“:

Во продолжение е изјавата на Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, а јавната обвинителка Ленче Ристоска одговараше на новинарски прашања.

Почитувани, денес ќе Ви презентирам две ново отворени истраги на ова обвинителство, поради основано сомнение дека инволвираните сториле кривични дела со кои директно го оштетиле буџетот на РМ и грубо ги повредиле обврските од Законот за јавните набавки.

Природата на дејствијата и во двата предмети ми овозможува наједноставно да Ви го прикажам начинот на кој постои основано сомнение дека со криминални дејствија е оштетен буџетот, и е прибавена  корист за едно правно лице.

Во првиот предмет, кој се води под името “ Топлик “, постои основано сомнение дека во периодот од 3.4.2007 до 18.2.2013 година во Скопје, првоосомничениот како раководно службено лице од МТВ и пет осомничени службени лица-членови на комисијата за спроведување на постапка за јавно наддавање при МТВ, како соизвршители, ја искористиле својата службена положба и,  иако биле потполно свесни дека поради нивното дејствување може да настапи  штетна последица, сепак, се согласиле со нејзиното настапување, па нанеле штета на средствата од буџетот на РМ во износ од 64.206.839 денари или 1.044.000,00 евра.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека откако комисијата за јавно наддавање го информирала првоосомничениот дека поради правни и фактички недостатоци не биле исполнети условите за спроведување на постапка за јавно наддавање за продажба на  градежното земјиште за изградба на резиденцијална населба Сончев Град во општина Сопиште, истиот, на ден 03.04.2007 година составил нова комисија за јавно наддавање, за да преку нив и покрај наведените недостатоци ја реализира објавата за јавното наддавање и склучи договор за продажба на градежното земјиште.

Постои основано сомнение дека второосомничениот како претседател, третоосомничениот како заменик и четврто, петто и шестоосомничениот како членови на новоформираната  комисија за спроведување на постапка за јавно наддавање, после само еден ден од нивното формирање, на ден 4.4.2007 година, иако знаеле дека не се исполнети условите за објава за јавно наддавање, постапиле спротивно на чл.3 од Уредбата за начинот и постапката на отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Р.М. и по претходна согласност од првоосомничениот,  изготвиле и до весниците: Дневник, Вечер, Вест и Фајненшл Тајмс, доставиле  објава за јавно наддавање за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ, за изградба на резиденцијална населба Сончев Град  во општина Сопиште.

На 14.5.2007 година спроведено е јавното наддавање и за целата постапка комисијата составила информација, во која навеле дека пред објавата за јавното наддавање биле исполнети условите за спроведување на постапката за јавно наддавање  и дале  предлог со избраниот најповолен понудувач да биде склучен договор за продажба на градежното земјиште.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека веднаш потоа првоосомничениот, иако знаел дека постојат суштински недостатоци поради кои МТВ не може да ги исполни договорените обврски со договорот, на ден 8.6.2007 година во име на МТВ со друштвото Ф.Х.И.Б.Ц Сан Сити ДОО Скопје склучил договор за отуѓување на градежното земјиште со јавно наддавање.

Овој договор, на ден 20.07.2011 година со судска спогодба склучена помеѓу МТВ и правното лице- друштвото Ф.Х.И.Б.Ц Сан Сити ДОО Скопје бил раскинат, бидејќи правното лице Сан Сити ДОО Скопје поради  суштинските недостатоци кои биле констатирани уште од првата комисија за јавно наддавање, едноставно не можело да  го спроведе договорот.

Од доказите произлезе основано сомневање дека поради раскинување на договорот по вина на МТВ, истото се обврзало на износот од 223.954.780 денари главен долг, кој целосно го вратил на правното лице, да исплати и затезна камата.

По тој основ на 18.02.2013 година од сметката на  МТВ на сметката на друштвото Сан Сити ДОО Скопје била исплатена затезна камата во вкупен износ 64.206.839 денари, односно 1.044.000,00 евра., за кој износ е директно оштетен буџетот на Р.М.

Со овие дејствија, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ.

За вториот предмет-“ Тендери “, од прибраниот доказен материјал произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 14.06.2011 г. до 31.12.2013г. , во Скопје, првоосомничената како раководно службено лице од МК и тројца осомничени службени лица-членови на комисијата за јавни набавки при МК како соизвршители, ги искористиле службените положби и овластувања и при вршење на јавни набавки, за правното лице ГТД Бетон Штип АД Штип прибавиле корист, која се манифестирала во незаконско повластување-фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – “Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје.

Постои основано сомнение дека пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност предвидени во член 2 од Законот за јавните набавки и спротивно на чл.28 од истиот закон, пред да се донесе одлука за потребата од јавна набавка, првоосомничената веќе донела одлука кој, и да ја добие и да ја заврши работата, предмет на набавката.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека првоосомничената на 14.06.2011 г. преку телефонска комуникација со сведокот, тогашен генерален директор на ГТД Бетон Штип АД Штип, му кажала на истиот да Бетон Штип продолжи со работа на објектот каде тековно изведувале градежни работи по претходно склучениот договор за јавна набавка, да ги изведе и сите работи што произлегувале дополнително и да не се чека дваесет дена за спроведување на нова јавна набавка.

Според доказите, првоосомничената на сведокот му кажува и дека истата веќе средила со второосомничената да комисијата за јавни набавки откако ќе се објави огласот, договорот го додели на ГТД Бетон Штип, бидејќи договориле да предвидат такви услови и критериуми за доделување на договорот, кои единствено ги исполнувал Бетон Штип, и не може друг субјект да победи.

Доказниот материјал упатува на основано сомневање дека градежната фирма ГТД Бетон Штип АД Штип во меѓувреме, без спроведена постапка за јавна набавка ги изведувала завршните градежни и градежно-занаетски работи на објектот, согласно барањата на првоосомничената, и потоа, откако на 20.06.2011 година бил објавен огласот за доделување на јавна набавка, Бетон Штип АД  доставил понуда и земал формално учество во постапката.

Како што наведов, на 18.07.2011 година ГТД Бетон Штип АД Штип доставил понуда во постапката за јавната набавка, и иако сите осомничени знаеле дека Бетон Штип веќе ги изведува работите на објектот од огласот за доделување на јавна набавка, сепак, второ, трето и четврто осомничените како комисија за јавни набавки составиле извештај од спроведената постапка од 19.07.2011 година дека најповолен понудувач е ГТД Бетон Штип АД Штип, па на 26.07.2011 година од страна на првоосомничената е донесено решение за избор на најповолна понуда.

Потоа, на 05.08.2011 г. е склучен договорот за јавна набавка за изведување, на како што напомнав, веќе изведени работи. Договорот е склучен  помеѓу МК, застапувано од првоосомничената и ГТД Бетон Штип АД Штип, застапувано од сведокот -Генерален директор, со вредност од  62.480.543  денари (околу 1 милион евра).

Врз основа на договорот од МК на ГТД Бетон Штип АД Штип заклучно со 31.12.2013 му било исплатено износ од 54.501.336 денари.

Со ваквите дејствија постои основано сомневање дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ.

Против дел од осомничените во овој предмет, од судот ќе бидат побарани соодветни мерки за нивно обезбедување присуство во текот на постапката.

Почитувани! Корупцијата и културата се два сосема различни животни концепти. Иако според она што го наведов постои сомнение дека овие два концепти се поистоветиле, сепак, ова обвинителство е основано и се бори за да им даде спротивен пат.