ИНСПЕКТОРИТЕ СЕ МОБИЛИЗИРААТ, БАРААТ ОД ЗАЕВ ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДИРЕКТОРОТ СТОЈКО ПАУНОВСКИ

0
1045

Пауновски и Заев на отворањето на новиот објект на Пазарниот инспекторат во Тетово во декември лани. (Фото: Принтскрин од видео на Влада на РСМ).

Инспектори и останати вработени во Пазарниот инспекторат бараат премиерот Зоран Заев да се откаже од најавата дека ќе го разреши од функција директорот Стојко Пауновски. Откако попладнево Заев кажа дека ќе биде поведена постапка за разрешување на Пауновски бидејќи му противречел и не ја почитувал хиерархијата, вработените од сите градови се мобилизираат, потпишуваат петиција за поддршка на Пауновски и бараат итна средба со Заев.

Директорот Пауновски се најде пред разрешување откако изјави дека нема да ги прими на работа 35 рамковни административци кои му ги додели вицепремиерот Артан Груби, бидејќи не му требаат за местата за кои се посочени, ниту пак имаат соодветно образование.

Во Инспекторатот во моментов се собираат сите инспектори, за да спречат разрешување на Пауновски бидејќи, како што велат, во историјата на работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) не се случило да постои директор со таков кадарен, личен, морален и етички капацитет и институцијата толку успешно и добро да функционира.

„Условите кои ги обезбеди за вработените и за работењето на ДПИ во три години од неговиот мандат се услови коишто ќе ги користат вработените уште многу години во иднина. Од набавка на нови возила, комплетна реконструкција на речиси сите подрачни одделенија, како и зголемување на бројот на инспектори во однос на административен кадар. Квалитетот на работењето, како и реномето на Инспекторатот го издигна на многу повисоко и попрофесионално ниво, за што укажуваат и остварените резултати. Се надеваме дека премиерот ќе одговори на нашата петиција, и ќе се откаже од намерата да го разреши Пауновски“, ни изјави инспекторката Александра Котели.

Директорот Пауновски денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ако премиерот Заев не го разбира зошто не сака да ги вработи 35 рамковни кадри слободно може да го разреши.

„Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку во Струмичкиот Регион и во источна Македонија. Па овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Точно е дека барав вработување, ама за градовите каде немаме инспектори, каде бироата ни се празни, а не за онаму каде сме до максимум исполнети“, рече Пауновски.

По ова Заев му одговори: „Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените. Пауновски е мој пријател, но ова е пркос којшто е недозволен, хиерархијата треба да е поставена и треба да функционира успешно“.