Иницијативниот одбор за смена на Мицкоски со писмо до амбасадорите: Мета сме на физички и вербални напади!

0
704
Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до Делегација на ЕУ во Скопје и дипломатските претставништва во Скопје, а во врска со политичкото и физичко насилство врз членовите на Иницијативниот одбор.

Интегралниот текст од писмото:

„Дозволете да Ве информирам дека повеќе членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се здружија во Иницијативен одбор и бараат политичка одговорност за лошиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот активизам е во потполна согласност со демократските вредности за кои се залага нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Имаме еднинство барање за свикување заседание на највисокиот политички орган на партијата – Конгресот.

Се бориме за запазување на веќе воспоставениот стандард за оставки. Долгогодишна пракса во западните демократии е после пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Не бараме ништо повеќе од ова. Бараме да  се свика Конгресот на партијата и да дискутира за овој демократски стандард.

Во име на Иницијативата за свикување вонреден Конгре, сакам да ја изразам нашата загриженост од се поголемото вербалното и физичко, политички мотивирано насилство со кое се соочуваат членовите на Иницијативниот одбор, кои јавно побараа оставка од Христијан Мицкоски.

Изминатите неколку дена откатко Иницијативната се официјализира, сите членови сме мета на вакви напади. Личната дискредитација и говорот на омраза стана најмало очекувано зло. Кај некои од нас, освен вербално, насилници се дрзнаа и физички да малтретираат. Во текот на вчерашниот ден, поранешниот пратеник и сегашен поддржувач на идејата за вонреден конгрес, Весна Дамчевска Илиевска пријави во полиција закани и тормозење со цел заплашување и повлекување од иницијативата.

Ние како иницијатива за  демократски дијалог во рамки на една политичка партија, најостро го осудуваме и се оградуваме од насилство. Уште повеќе, ако тоа се прави врз жена.

Во изминатиов период додека сме активни, во ниту еден момент не применивме говор на омраза или на било каков начин сме мотивирале негова примена.

За жал, во текот на вчерашниот ден, во изјава за медиумите, раководството на нашата партија ниту се огради, ниту го осуди физичкото насилство. Напротив, го оценија како „монтажа и конструкција која што е дел од новопромовираната коалиција помеѓу иницијаторите и Зоран Заев“.

Сметаме дека со оваа изјава, раководството на Христијан Мицкоски не само што не се огради, туку индиректно мотивира политичко насилство со испраќање порака до насилниците дека партијата стои зад нив.

Друг елемент на загриженост е фактот што иако полицијата ги лоцира насилниците и има изјави од нив, раководството на Христијан Мицкоски испрати порака дека не верува во институциите во врска со овој случај. Дека ние сме во некаква спрега со власта и полицијата монтира случаи.

Стравуваме дека сето ова свесно го прават со цел обесхрабрување на поддржувачите на иницијативата јавно да говорат.

Ве повикуваме да се заложите за осуда на политички мотивираното, вербално и физичко насилство, кое стана стандард на македонската политичка сцена кога членови на партии искажуваат став различен од оној на раководството, пишува Борче Стамов, член на  Иницијативниот одбор за свикување вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.