ИНИЦИЈАТИВА ЗА ВРАЌАЊЕ НА МЛАДИНСКО ДРАМСКО СТУДИО ПРИ НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“ – ПРИЛЕП

0
1654

Почитувани пријатели, поддржувачи на театар „Чин 4 Сцена 5“,
би сакале да ве известиме дека театар „Чин 4 Сцена 5“ започна со иницијатива за собирање на потписи со цел враќање на статусот на театар „Чин 4 Сцена 5“, кој присилно го изгубивме пред две години, а тоа е враќање и возобновување на Младинското Драмско Студио при Национална Установа Центар за култура „Марко Цепенков“. Ги покануваме сите добронамерници кои сакаат да нè поддржат, а со тоа да ја унапредат на повисоко ниво културата кај младите од Прилеп, да дојдат во нашите простории, почнувајќи од утре од 10 часот, и да се потпишат на оваа иницијатива. Исто така, потписи ќе собираме и на плоштад, а за термините ќе ве известиме дополнително.

Иницијативата ви ја пренесуваме во целост:

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ВРАЌАЊЕ НА МЛАДИНСКО ДРАМСКО СТУДИО ПРИ НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“ – ПРИЛЕП

Ние, долупотпишаните членови на актуелниот театар „Чин 4 Сцена 5“, родители на членовите на театар „Чин 4 Сцена 5“, како и останати граѓани, поддржувачи и вљубеници во аматерскиот театар, ја поднесуваме оваа отворена иницијатива за повторно враќање на Младинско Драмско Студио при НУЦК „Марко Цепенков“, кое студио беше присилно згаснато, и од него произлезе приватниот театар „Чин 4 Сцена 5“. Младинското драмско студио при НУЦК „Марко Цепенков“ функционираше непрекинатоо од денот на неговото формирање, 17 март 2007, до денот на неговото присилно згаснување од страна на в.д. директорот во 2017 година. За тоа време МДС работеше со сите свои групи и реализираше преку 60 театарски претстави, учествуваше на многу фестивали, и освои неколку награди, во име на НУЦК „Марко Цепенков“.
Согласно Статутот на НУЦК „Марко Цепенков“, во кој гласи:
„Покрај основната дејност, Центарот за култура ги врши следните дополнителни дејности:
1. Културно уметнички аматеризам што подразбира програмско и функционално поттикнување и развој на културата, особено во творештвото на децата и младината.“,
ние бараме повторно враќање на МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“ во склоп на НУЦК „Марко Цепенков“, а тоа подразбира:
1. Целосно укинување на штетниот договор за закуп помеѓу театар „Чин 4 Сцена 5“, и склучување на нов договор за отстапување на простор без надоместок, во кој МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“ целосно и непречено ќе ја реализира уметничката програма под покровителство на НУЦК „Марко Цепенков, како што тоа им е овзможено на мноштво други аматерски културно уметнички здруженија Ние сме единственото драмско студио во цела Р.С. Македонија кое е укинато за сметка на средствата за закуп. НУЦК „Марко Цепенков“ е институција која постои за да ги поттикнува и поддржува овие здруженија и трупи, а не обратното.
2. Враќање на поранешна „Сцена 105“ во владение на МДС. Кога поранешна „105-ка“ беше непрописно поделена, значително ни беше намален просторот за работа. Ние го прифативме помалиот дел, со цел да имаме било каде да работиме, и инвестиравме над 5 000 евра сопствени средства во оспособување на просторот. Овие средства во штетниот договор, кој бевме присилени да го потпишеме, не ни се признаваат, што е надвор од секаков разум, бидејќи имаме сознанија дека некои други слични договори се со точки во кои децидно се признава надворешната инвестиција.
3. Како МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“, кое ќе работи во склоп на НУЦК „Марко Цепенков“, бараме повластена цена за изнајмување на салите за прикажување на нашите претстави. Сепак, ако работиме под покровителство на НУЦК „Марко Цепенков“, ние ќе ја исполнуваме и нивната програмска активност, која ќе оди во корист не само на идното раководтсво, туку на целиот град. Оваа пракса беше случај во минатото, но не и во последните две години, кога ни се наплаќаа енормни суми на пари, за сметка на други здруженија, кои понекогаш воопшто и не плаќаа. Кој беше мотивот, не сакаме да навлегуваме во тоа.
4. Целосен и непречен пристап кон просториите. Изминатите две години, ни беше одземен клучот од влезната врата на НУЦК „Марко Цепенков“, и за време на викендите, ние немавме пристап до нашите простории. Ако се повикаме на договорот за закуп, ние сме закупци на просторот, и мора да имаме непречен пристап, бидејќи не само што трпевме штета со реализирањето на нашата програма, туку трпевме и финансиска штета, што евентуално може да поведеме и постапка за тоа. Неколку пати се обраќавме до в.д. директорот за пристап, но бевме децидно одбивани. Причините не ни беа никогаш кажани. Ние се грижиме за Центарот за култура, го знаеме секое штрафче, секоја даска, и никогаш не сме направиле штета. Напротив, неколку пати во минатото сме организирале генерални чистења, сме вршеле ситни и крупни поправки, сè со цел овој наш дом наречен „Марко Цепенков“ да го направиме подобро место за творење. Уметноста нема работно време!
5. Раководството на МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“ да го бираат и назначуваат членовите, а не лица инволвирани однадвор, со што ќе се компромитира нашата работа. Политиката надвор од уметноста!
За возврат ние нудиме:
1. Сите човечки, материјални и технички капацитети со кои располагаме.
2. Најмалку 4 театарски претстави во текот на една календарска година. Доколку работиме непречено, максималниот капацитет кој можат сите групи да го понудат е 10 театарски претстави, што е бројка за почит.
3. Организација на голема театарска претстава, со која ќе бидат собрани средства за донација. Оваа пракса ја започнавме, со тоа што дониравме преку 450 000 денари од претставата „Викенд на мртовци“, на дневниот центар за лица со посебни потреби, со целосно менување на вратите и прозорците. Иако требаше дел од средствата да се донираат на НУЦК „Марко Цепенков“ за инсталација на лифт за хендикепирани лица, одлучивме сите средства да одат за „Ѕуница“, првенствено бидејќи состојбата на постоечката дограма беше во катастрофална состојба, а потоа затоа што не наидовме на соработка од в.д. директорот во реализација на нашиот проект.
4. Во наредните три години, целосна реконструкција на поранешна сцена „105“, во мала сала со капацитет од 80 до 100 седишта. Во оваа сала, покрај програмските активности на МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“, ќе можат и да се одвиваат други активности под покровителстно на НУЦК „Марко Цепенков“ – промоции на книги, стендап настапи, концерти и многу други, со што градот ќе биде збогатен со уште еден простор за творење и презентација. Проектот неколку пати беше ставан на маса, но никогаш не е преминато во реализација.
5. Постепено намалување, па укинување на членарината за членство во МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“. Изминатите две години, бевме принудени да воведеме месечна членарина, за да можеме да си ги покриеме трошоците за функционирање (закуп, сали, плати, придонеси, материјални трошоци, костими, сценографија, рекламен материјал, осветлување, озвучување и др.) Членарината е единсвениот извор на приход, иако неколкупати бевме „анонимно“ пријавувани дека вршиме злоупотреба на средствата добиени од Министерство за култура. Но, оној кој навистина ја знае нашата 12 годишна работа знае дека „Чин 4 Сцена 5“ никогаш нема ни аплицирано за средства од Министерство за култура. Претходно, членовите на МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“ не плаќаа членарина, односно се плаќаше периодична членарина, онојпат кога ќе видевме дека ни недостасуваат средства за реализација на постоечка претстава, но и тогаш таа периодична членарина не беше ни приближно висока колку што е сега.Со евентуалното укинување на членарината, ќе се зголеми бројот на членови – вљубеници во театарската уметност, а со тоа Прилеп повторно високо ќе котира на скалата на аматерскиот театар. Во своите најдобри денови МДС Театар „Чин 4 Сцена 5“ имаше и преку 150 членови.
Оваа Иницијатива ја доставуваме до Управниот одбор на НУЦК „Марко Цепенков“, Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и до медиумите.

ТРЕНИРАЈ КРЕАТИВНОСТ!