ИНДИСКИ ВЛАДИН СЛУЖБЕНИК ИСПРАЗНИЛ БРАНА ЗА ДА ГО НАЈДЕ ТЕЛЕФОНОТ ШТО МУ ПАДНАЛ ДОДЕКА ПРАВЕЛ СЕЛФИ

0
777

Владин службеник во Индија е суспендиран откако наредил да се испразни брана за да го извади телефонот кој му паднал додека правел самослик. Беа потребни три дена за испумпување на милиони литри вода од браната. Кога беше пронајден, телефонот не работел оти бил премногу наполнет со вода.

Инспекторот за храна Раџеш Вишвас тврдел дека телефонот содржи чувствителни владини податоци и затоа требало да се најде, но беше обвинет за злоупотреба на службена должност. Вишвас изјави дека телефон „самсунг“, вреден околу 1.200 долари, му паднал во браната Керката, во централната индиска држава Чатисгар, во неделата. Откако локалните нуркачи не успеаја да го пронајдат, тој платил за внесување дизел пумпа. Рече дека имал усна дозвола од службено лице да испушти „малку вода во блискиот канал“, додавајќи дека функционерот рекол оти тоа „всушност ќе биде од корист за земјоделците кои ќе имаат повеќе вода“.

Пумпата работела неколку дена, празнејќи околу два милиона литри вода – наводно доволно за наводнување на 6 квадратни километри (600 хектари) обработливо земјиште. Работата беше прекината кога по добиена жалба пристигнал друг службеник од секторот за водни ресурси.

„Тој е суспендиран до истрагата. Водата е суштински ресурс и не може да се троши вака“, изјави функционер од областа Канкер.

Вишвас негира дека ја злоупотребил својата позиција и рече дека водата што ја исцедил е од преливниот дел на браната и „не е во употреблива состојба“.