Илиовски, косопственик на „Тотал ТВ“: Не сум правел притисок, си ги бранам правата!

0
883

Тони Илиовски, сопственик на компанијата „Леонидсат“, која е малцински содружник во сателитската компанија „Тотал ТВ“, реагира дека дека не бил бил вршен никаков притисок врз партнерската компанија „Адриа ДТХ“. Во изјава за Фокус, Илиовски потврдува дека има спор меѓу двете партнерски компании, истакнувајќи неговите права ги бара преку институциите на системот. Тој објаснува дека во тек е судска постапка, која моментално е пред второстепениот апелациски суд.

-Побарав ревизија на работењето на „Тотал ТВ“. Иако тоа е законски загарантирано право на малцинските сопственици, сепак одлука се уште не е донесена поради жалба на мнозинскиот сопственик и се чека на апелација. Додека ја чекам одлуката за ревизија, напоредно поднесов пријава до Финансиска полиција и до СВР Скопје, поточно до Единица за стопански и компјутерски криминал. Доколку „Тотал ТВ“ работи во законски рамки, не гледам причина зошто да не се направи ревизија и институциите да ја контролираат. Не може да се смета за притисок тоа што јас моите права си ги барам во согласност со законските норми и преку институциите на системот – вели Илиовски.

Ова следува откако денес беа објавени делови од разговори во кои, меѓу другото, се слуша како поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев говори дека компанија каде издејствувал да интервенира полицијата („Тотал ТВ“) го ангажирала адвокатот Филип Медарски, со цел, според Дончев, да се оствари влијание кај експремиерот Зоран Заев.

Лидерот на СДСМ Заев, кој Дончев го споменува во контекст дека се согласил полицијата да влезе во компанијата, денеска на прес-конференција потврди дека се работи за „Тотал ТВ“, а не, истакна тој, за „Дијамед“, како што првично се доби впечаток. Притоа, Заев посочува дека зад објавувањето на снимките стои ВМРО-ДПМНЕ и тие, според него, се извадени од контекст.

– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на „Тотал ТВ“ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по „Тотал ТВ“, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на „Тотал ТВ“ е пријател и на Ден Дончев, па зборувале за него… – изјави Заев.

Според податоците од Централниот регистар, „Тотал ТВ“ е формирана во 2009 година, а денес доминантен содружник е „Адриа ДТХ“ со седиште во Аместердам, која всушност е дел од регионалната United Group, во чиј состав се наоѓаaт и водечките телекомуникациски оператори во земјите од поранешна Југославија. Од март 2014 година, United Group е во мнозинска сопственост на KKR, водечка глобална инвестициска компанија.

Како малцински содружник во „Тотал ТВ“, пак, се јавува компанијата „Леонидсат“, чиј уддел изнесува околу една четвртина од вкупната главнина на друштвото. Единствен сопственик и воедно управител на „Леонидсат“ е Илиовски, македонски бизнисмен кој извесен период работел и живеел во Австралија, слично како и Дончев. Двајцата важат за блиски пријатели, како што денеска посочи и Заев.