Иван Огњановски, кој има трансплантирано срце: Повторно ќе го живеам животот со полни гради

0
924

Педесет и четиригодишниот Иван Огњановски на кого на 23 мај на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија му беше трансплантирано срце денеска беше на контролен преглед во таа јавна здравствена установа.

„Насмеан и полн со енергија, утрово Иван беше на контрола на Клиниката за државна кардиохирургија. Тој е во добра здравствена состојба и е првиот пациент во земјава на кого му беше трансплантирано срце. Вели дека мора да продолжи да го живее животот, бидејќи животот е еден“, напиша на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Огњановски изјави дека одлично се чувствува.

– Комплетно сум задоволен од целиот лекарски тим на Клиниката. Тие сега се и мои другари. Постојано се слушаме на телефон и ме прашуваат како сум. Еднаш неделно одам на контрола и примам терапија. Им се заблагодарувам од срце за сѐ што сторија за мене, особено и на моето семејство кое ми беше најголемата поддршка да го издржам целиот овој период. Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден – истакна Огњановски.