Иванов сакајќи да им помогне им направи ѓаволска услуга

0
2476

Вчера на една од дебатните емисии слушнав еден гостин кој кажа дека „Од 11 декември, ВМРО-ДПМНЕ ги направи сите грешки за кои што претпоставувавме. Некои од нив, меѓутоа ги направи дури и поскоро од тоа што ние очекувавме.“

Најголемата грешка, онаа за која веројатно не се ни свесни дека беше грешка е доделувањето на мандатот за формирање на Владата, на партијата со најголем број освоени пратенички мандати во Собранието.

Деновиве сме опседнати со претседателот Иванов и со тоа колку пати тој го прекршил уставот во последниве денови и со тоа сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 КЗ, дали тоа ќе биде доволно за негово повикување на одговорност и постапка за отповикување, кога тоа ќе се случи и дали притоа ќе може да се обезбеди потребното мнозинство во Собранието. Забораваме, меѓутоа, на ѓаволската услуга која Иванов им ја направи на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што му го даде мандатот толку лесно на Груевски, а овој не успеа да обезбеди мнозинство и да состави влада.

Има најмалку 3 причини зошто доделувајќи му го мандатот на Груевски, Иванов му направи ѓаволска услуга на ВМРО-ДПМНЕ и, повеќе од сигурен сум, не сакајќи помогна за демократизацијата на државава.

1. ВМРО-ДПМНЕ ја прифати платформата и условите кои преку ДУИ ги испорачаа сите партии од албанскиот блок

Останува фактот дека коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ спротивно на она што го ветуваа во текот на кампањата и силниот национализам кој го демонстрираа ја прифатија платформата на ДУИ и албанскиот политички блок. Како што беше пренесено, точката на сопнување било продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. За тоа слушнавме од изјавите на повеќемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, секако од ДУИ, а беа пренесни во медиумите. Некои во своите изјави одеа до таму што велеа дека „вечерва ќе го знаете составот на новата влада“, зборувајќи на 29 јануари 2017 во 19.00 часот пред седиштето на партијата. Иако некои се обидуваат ја стивнат или да ја спинуваат оваа дискусија, сепак таа опстојува и натаму се развива.

Никогаш повеќе ВМРО-ДПМНЕ нема да може да излезе пред гласачот и да биде гарант на националните и „македонските“ интереси. Дополнително, на исте им е повеќе од јасно дека во овој мандат во Собранието со товарот кој врхушката го носи од обвиненијата и истрагите на СЈО, истите ќе бидат секогаш второстепени.

2. ДУИ покажа дека не е спремно да направи влада со ВМРО-ДПМНЕ и Груевски

ДУИ е партијата која мора да ја прочита, или да ја прифати пораката која им ја испратија гласачите најјасно од сите во Собранието. Најголемата политичка партија на албанците не е повеќе ниту слична со својата претходна форма. На овие избори партијата изгуби 9 пратеници, или прикажано во гласови, приближно 70.000 гласови кои отидоа на контото на БЕСА, а за ДУИ уште поважно, на контото на СДСМ.

Ваквиот тренд дојде како резултат на заморот на гласачите од коалицирањето на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, на вештачки креираните етнички конфликти и на очекувањата на албанските гласачи за правда, еднаквост, одговорност и независно судство. Притисокот, или уште подобро стравот од неминовното губење, разнебитување, уништување на партијата од можната коалиција очигледно беше нешто што партијата не можеше да го издржи.

Откако својата потреба да продолжи да размислува, или да не ја прифати понудата од ВМРО-ДПМНЕ за коалиција ја соопшти јавно. Откако, неколку пратеници на партијата и сите потпретседатели јавно ги соопштија своите аргументи против коалицијата јавно. ДУИ ќе има многу тешка задача да прифати нова коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и тоа да му го објасни на својот гласач. Притоа, на овие гласачи им е далеку појасно дека се дури опстојува коалицијата, или во владата седи ВМРО-ДПМНЕ нема да видат реализирање на нивните очекувања.

3. ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од Груевски и врхушката

Најважно е сепак дека Груевски е веќе потрошена опција за мандатар на ВМРО-ДПМНЕ и тој никогаш нема да може да направи мнозинство и да состави влада. Сега, неговиот опстанок како лидер на партијата зависи од поданичката култура и од контролата која ќе ја има врз партиските тела. Именувањето на марионети е ризично, особено сега, кога се знае дека нивниот лидер не успеа да направи мнозинство и да состави влада. Многумина во партијата на Груевски се плашат за својата иднина, а стануваат се повеќе уверени дека лидерот повеќе не може да ги спаси. Оттаму, тие ќе прифатат се, дури и предадавство на лидерот за своето спасение, а тој тоа го знае.

За да може да стане податлив коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ мора да се реформира внатрешно. Тоа во условите во кои битисуваат сега, нема никогаш да се случи се дури ВМРО-ДПМНЕ не се смести длабоко во опозициските клупи. Оттаму, заклучокот е едноставен: Иванов сакајќи да им помогне им направи ѓаволска услуга.

Андреја Стојковски – Македонски центар за европско образование