Зaeв се надминува себеси!

0
1471

Точно заради масовно и улично изразената волја на македонските граѓани за заминување на Груевски од власт, заради таа силна демонстрација на решеноста да се прекине со автократската традиција во земјата, преговорите во Брисел не завршија со натурено решение за вонредни избори во април идната година кои, практично, повторно би ги организирал самиот Груевски.

saso-ordanovski-540x329

Проблемот на Европската Унија со земји како Македонија е во тоа што, кога еднаш ќе станете земја-кандидат за влез во ЕУ, а потоа отварањето на „дијалогот“ по поглавјата ќе се „замрзне“ – што нам ни се случува многу години наназад – нема многу начини како Брисел може да влијае врз состојбите во земјата кога на власт во неа ќе дојде влада којашто, помалку или повеќе, отворено им вели: „Нас баш нé заболе за членството кај вас, бидејќи ние имаме други политички приоритети во државата, како што е редистрибуцијата на моќта и јавниот имот во наши приватни раце. Тоа ни е поважно одошто да се бафтаме со европските стандарди, политичката одговорност и неопходните про-демократски реформи во земјата. Плус, ние добро видовме што му се случи на Санадер кој брзаше Хрватска да влезе во Унијата – па не сме ние будали!“

На Брисел, прво, му треба време за да сфати што се случува, од кај капе, како е можно некој да ги „моча“ од керамиди, а формално моли за европска милост; потоа бриселската бирократија влегува во фаза на негирање на реалноста и отфрлање на сите укажувања дека тие се будалите во приказната, па измислуваат вонредни механизми и ад-хок процедури, некакви ХЛАД-ови и бенч-марци, со што стануваат соучесници во домашниот злостор на убивањето на демократијата; за на крајот да почнат да го туркаат проблемот „под тепих“, мрзоволно да го префрлаат од едно на друго биро и да се прават дека немаат поим за што станува збор, само за да не излезе дека некој од нив има неуспех во биографијата што може да му го искомпликува понатамошниот развој на политичката или дипломатската кариера.

ДИПЛОМАТСКИ ПИНГ-ПОНГ

Така се влегува во една бесмислена и исцрпувачка, повеќегодишна дипломатска пинг-понг партија со „непослушната“ земја, при што Брисел глуми дека се прават напори за да се зачува про-европската ориентација на земјата, а овдешната влада глуми дека е многу заинтересирана за бриселските напори за зачувување на про-европската ориентација на земјата. Општеството тоне во безперспективност, а единствениот реален излез за оние што ќе се охрабрат да ѝ погледаат на судбината в очи е – меѓународниот скопски аеродром.

Во принцип, сите знаат дека Брисел одамна требало да ни го одземе кандидатскиот статус, но во канцелариите на ЕУ ни прозорец нагло не се затвора кога дува провев, а не пак да се прават такви решителни и субстанцијални политички потези како што е одземање на кандидатура на некоја земја! Во тоа, секако, има една доза и на грижа на совест заради срамното толерирање на грчкото вето сите последни дваесет години, но и доза на европска доблест: се разбира дека оние во Брисел се попаметни од овие во Скопје и дека таму знаат оти влогот за иднината на државата во Унијата го надминува по важност инсистирањето за расчистување со автократскиот и клептократски режим кој моментно владее со неа. Но, тоа ви е како да продавате полиси за долгогодишно животно осигурување во геријатриска клиника, каде продажбата на гробни места сигурно би донела повисок профит во самиот бизнис-модел.

Сакам да кажам, убаво што овие од Брисел ни мислат арно, ама не може да мислат дека ни олеснуваат со тоа што „нé држат за цицка“ додека Груевски нé работи одзади…

ЖАЛ ЗА МЛАДОСТ

Европејците отсекогаш биле по малку импресионирани од дивините на Балканот, на прагот на нивните средноевропски налицкани престолнини. Таа балканска историска автентичност, таа ориент-експрес декаденција, тој недоделкан менталитет составен од комбинација на инает и снаодливост… Тоа веројатно ги враќа во некои за нив одамна минати, возбудливи времиња, во некоја нивна жал за младост. Балканот е европскиот Авганистан, местото каде со векови заглавувале како во жив песок со своите политички интервенции и воени експедиции. Опчинети се од балканските насилници кои успеваат истовремено ем да крадат избори, ем да им се колнат во сé најмило дека не го прават тоа! „Како само им успева – се прашуваат со малку завист зачудените Европејци – за пет-шест години на власт да стануваат милијардери, а бедниот народ пак да ги сака, додека тие уживаат во раскош и на слобода?!“ Која е формулата за тоа, има ли скриен балкански извор на политичка итроштина од кој можат и тие да се напијат, некоја матарка да наполнат? Или можеби од таа „фонтана на вечната политичка младост“ можат цевка да спроведат до Виена, па од таму до цела Западна Европа, за и тамошните граѓани да ја почувствуваат свежината низ грло на таа волшебна балканска течност која народот го прави ќорав, а политичарите среќни!

Како поинаку да се објасни балканското автократско „цело во кое има сé“: со помош на корупција од индустриски размери, со тајни служби и со „куртон“-медиуми тотално ќе ги уништите институциите во државата, бидејќи не ви се потребни оти владеете по пат на корупција, со тајни служби и со „куртон“-медиуми?! Не е ли ова совршениот круг на мудроста, балканскиот политички Давинчиев код, нерешлив за западната демократска имагинација?

Со години наназад Брисел се однесува како тотално парализиран пред колекцијата на, декларативно и нестабилно, про-западните автократи размножени низ Балканот – Груевски, Вучиќ, Тачи, Ѓукановиќ, Радончиќ… На пример, Вучиќ само ако им каже „Добро утро“ или „На здравје“ ако кивнат, Европејците веднаш искажуваат грст комплименти за неговата висока политичка коректност и невиденото визионерство! Балканскиот Фидел Кастро – Мило Ѓукановиќ – го третираат како „Господ кој оди по вода“, како политички мудрец пред чија икона мора да се остави некоја пара и пред чија светост мора свеќа да се запали. На Груевски, пак, му се бескрајно благодарни што не почнал да ги тепа овдешните европски дипломати, кога веќе со прислушните уреди одамна им е влезен по купатилата и спалните соби…

„Постојам јас, постои мојот народ и меѓу нас нема ништо што може да нé раздели“, им велат денеска овие модерни балкански деспоти на Европејците како што на времето тоа им го велел Крал Александар. Тие, нашите уважени деспоти, на народот ќе му го прават она што го наоѓаат за потребно да му го прават и нема тука некакви европски демократски стандарди да им ја попречуваат големата и директна љубов кон народот! А Европа е добредојдена да ги инвестира своите пари кај нас и забелешките (ако ги има!) да ги чува за дома.

Ако не – Путин едвај чека да нé земе под свое! (Како не, си велам, сече вени по вас!)

ЛИНИЈА НА ФРОНТОТ

Ако (и) во ваков контекст се анализира последната преговарачка епизода во Брисел, работите можеби можат да станат појасни.

„Знаеш, Сашо – ми вели минатата недела во Берлин еден добро информиран европски дипломат за текот на меѓупартиските преговори во Брисел со посредство на комесарот Хан – ние точно знаеме кои се Груевски и Ахмети и за нив немаме никакви илузии. Но, Европската Унија не е интервенционистичка сила која народот ќе го лечи од сопствената авторитарна свест! Унијата нема механизми, а ни политичка воља, да се расправа со балканските автократи. Таа работа ќе треба, сепак, сами да си ја завршите.“

Така е. Нашиот дел од работата мораме сами да си го сработиме! Впрочем, точно заради масовно и улично изразената волја на македонските граѓани за заминување на Груевски од власт, заради таа силна демонстрација на решеноста да се прекине со автократската традиција во земјата, преговорите во Брисел не завршија со натурено решение за вонредни избори во април идната година кои, практично, повторно би ги организирал самиот Груевски. И морам да признам дека ми се допаѓа линијата на фронтот исцртана во Брисел: Груевски-Ахмети-Тачи, наспроти Заев, кому европските посредници со задоволство би му одмогнале. Резултатот не е нерешен, кога во такви услови ќе дадете „гол во гости“! Реално, Заев се надмина себеси.

Напротив, во Брисел во детали е разговарано за системските корекции што ќе треба да се спроведат до вонредните избори во април во сферата на владеењето на правото, по препораките што веќе ги пишуваат европските експерти кои ги скенираат состојбите во Скопје, а со кои се опфатени персонални и системски аномалии во областа на одредена кривична и изборна регулатива, во правосудството, обвинителството и работата на полицијата. Моите добри дипломатски извори велат дека за тоа и самиот Груевски дал „бланко поддршка“. Изборите, пак, ќе се подготвуваат и ќе се одвиваат со „робустна мониторинг мисија“ на ОБСЕ и ОДИХР, по претходно ревидиран бирачки список. Опозицијата до изборите ќе се врати во Собранието каде ќе ги добие раководните позиции во специјалните комисии, со посебни овластувања, за истражување на скандалите со прислушувањето и со кумановскиот инцидент (кривичните истраги си се башка „појава“). Колку што разбирам, што ќе се случува со медиумите – и јавниот и приватните – е оставено да се разговара на наредната средба.

СЛЕДУВА „РЕВАНШ“

Како што се гледа, Заев и неговиот тим и по средбата во Пржино и по онаа во Брисел излегува со унапредена преговарачка агенда која е суштинска за демократска Македонија, а веќе детално се занимава со начинот на демисијата на Груевски и содржината на реформите до изборите. Затоа и „реваншот“ во Скопје идната недела треба да се игра смирено, бидејќи е Груевски блиску до одлуката наскоро да се повлече од премиерската функција.

Мислам дека Хан, како што беше за очекување, ги исцрпи своите можности и „добри намери“ за посредување во кризата. Искрено, од овој локален виенски политичар, без никакво позначајно претходно меѓународно искуство, и со целата своја партиска конзервативна пристрасност зад себе, мислам дека повеќе и не можевме да очекуваме, а тој сосема и не се посрамоти.

Сега влегуваме во фаза на егзекуција на разните предизборни детали и на клучниот услов – заминувањето на Груевски и неговите соработници од кормилото на државата. И за оваа фаза ќе следува странска посредничка помош, во форма и со содржина која набрзо ќе ја дознаеме.

Но, да не се залажуваме: и до крајот на овие преговори и до вонредните избори во април демократската поддршка и гласност во јавноста не смеат да стивнат. За деспотот да си замине од власт мора да ги заковеме сите клинци на ковчегот на деспотијата. Еден по еден, без прескокнување.

Сашо Орданоски

Колумна објавена во Слободен печат