Зошто Миленко Неделковски го напаѓа советникот за национална безбедност на Ѓорге Иванов, Синиша Алексоски?

0
5594
Последните неколку дена актуелни се Фејсбук нападите на мегафонот на власта, Миленко Неделковски кон советникот за национална безбедност на претседателот Иванов и негов истурен играч во Агенцијата за разузнавање, Синиша Алексоски. На 23 февруари, Неделковски напишал: Синиша (од кај Хорхе) кога пак ќе има емисија? Во недела, стандардно? За “колега” прашувам. #неСмеСитеНаивни Веднаш после овој статус, следеле телефонски закани кон Неделковски, кој за истите повторно напишал статус на Фејсбук на 24 февруари: Аххх, притисоци по телефон…
Обид за замолкнување… Закани… Џандарски фори. Па добро бе, стварно се мислите толку итри и силни? #уНаМајкатиЦентарот Истиот ден на Фејсбук одекна уште еден статус поврзан со Синиша Алексоски: Како се вика Кристијан Голубовиќ на Македонски? – Синиша.
Преку овие напади, Неделковски му укажува и му дава до знаење на Синиша Алексоски, притоа и на македонската јавност, дека е запознаен со фактот оти многу од емисиите „Во Центар“ на Васко Ефтов се работени под директни насоки и препораки на Синиша Алексоски. Посебно се индикативни емисиите каде како гостин се појавува Мирка Велиновска, при што истата јавно објавува имиња на службеници од Американската и Британската амбасада во Скопје, за кои таа наводно имала информации (дадени од Синиша Алексоски) дека истите работат во нивните матични разузнавачки служби, односно ЦИА и МИ6. Со ова директно се влијаело врз животот и сигурноста на посочените лица, при што амбасадите на САД и В. Британија во Скопје неколку пати реагирале за овој скандал преку дипломатски канали.
Освен ова, Мирка Велиновска на 23 декември 2016 година во колумна во „Дневник“ насловена „ЦИА му испраќа засилување на Бејли“ меѓу другото пишува: “…Шенон Мартинез ни ја праќа ОТИ (оддел за субверзии во Стејт департментот, а од ЦИА) и активирана е кај нас вторпат. Првпат беше овде од 2001 до 2003 година. Одлично говори македонски јазик. Тогаш беше во тесна соработка со СДСМ, а дејствуваше во Kочани како тим-лидер на проекти за калемење сливи и обука на „револуционери“ по повик.
Втората е Фелп Филипс и ни доаѓа од УСАИД, во која службува 16 години како специјалист за јазици и дијалекти. Женава е „тешкаш“ меѓу агентите на ЦИА за субверзивни дејства. Го работела теренот во Авганистан, Ирак, Пакистан, а во Македонија ни доаѓа од Либија. Неодамна „случајно“ ме пресретнаа, и тоа пред банкомат, две од нејзините помошнички кои ме израдуваа со податокот дека ќе останеле овде цела 2017 година.“
Очигледно е дека овие и многу други сознанија и информации кои ги објавува во нејзините медиумски настапи, Велиновска ги добива од лице кое е дел од разузнавачките случувања во Македонија, а според статусите на Неделковски испаѓа дека тоа лице е Синиша Алексоски, советник за национална безбедност на претседателот Иванов и негов човек од доверба во Агенцијата за разузнавање.
Името на Алексоски се спомнува и во контекст на инцидентите од „Диво Насеље“, при што дел од обвинетите ги посочуваа него и агентот Шенаси Мехмети, вработен во Агенција за разузнавање, како лица со кои имале контакти и средби пред Кумановските настани, односно ги поттикнале за одредена сума на пари да организираат еден „контролиран инцидент“ со цел одвлекување на вниманието од опозициските „бомби“ кои во тоа време ги објавуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев.