Зоран Заев: Вистината за Македонија ќе ја врати државата во рацете на граѓаните.

0
1251

Први мај 2015 година во Македонија ќе биде запаметен како ден што почна да ја враќа одлучноста на граѓаните да ги бранат човековите работнички права и достоинство, што девет години по ред, мала група на власт недозволиво ги гази и повредува, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Зоран Заев по повод Меѓународниот ден на трудот.

zoki-zaev

„1 Мај некогаш беше празник на стекнатите работнички права и ден кога работниците го креваа гласот за унапредување на своите права. Изминатите 9 години, суровата и клиентелистичка власт на Груевски и неговата фамилија ги врати граѓаните и државата во феудализмот. Длабоко ги погазија и повредија сите, со Устав и со закон загарантираните работнички права, по сите основи. За прв пат од независна Македонија, е доведено во прашање елементарното право на работниците, на штрајк. Задушена е слободата на говор и недемократски и нецивилизирано се прави `се, да се спречи слободната мисла“ се вели во честитката.

Во честитката понатаму се наведува дека денес е доведено во прашање едно од основните права – да се работи и да се биде работник.

„Граѓаните или не работат, или работат под невидени притисоци за бркање од работа ако не одработуваат за Груевски и неговата група, или се избркани од работа ако се спротивставуваат на штетните и криминалните политики. Работници гинат по скелиња, не се почитува едно од основните права за заштита при работа. Голем дел од работниците работат прекувремено за минимални плати, други и во исклучително лоши услови за работа. Работникот во Македонија денеска од сопствената Влада е продаван како евтина работна сила“, се вели во честитката.

Од СДСМ подвлекуваат дека големата невработеност којашто се крие со бришење небвработени од евиденциите, лажниот К 15, поигрувањата со надежите на волонтерите со кои власта со години манипулира, загрозената егзистенција на хонорарците, мининалната плата која е најниска во регионот, потценувањето на земјоделците, рударите, ранливите категории граѓани кои се оневозможени да ги остварат своите законски права без да станат изборен инструмент, ќе запре!

СДСМ е цврсто одлучна да ги врати и унапреди сите работничките права и преку програмата за враќање на средната класа да овозможи достоинствен живот за сите граѓани во државата.

„Вистината за Македонија ќе ја врати државата во рацете на граѓаните. Овој 1 Мај најавува дека тоа ќе се случи!“,се вели на крајот на честитката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев по повод Меѓународниот ден на трудот.