ЗНМ: Хан тврди дека слободата на медиумите и натаму е врвен приоритет

0
1417

„Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан тврди дека слободата на медиумите беше и останува едно од врвните приоритети  на реформската агенда на Европската комисија во соработката со Македонија во рамките на договорот за стабилизација и асоцијација. Комесарот Хан во одговорот на писмото до претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард, вели дека слободата на изразувањето е една од областите опфатени во листата на Ургентните приоритетни реформи изготвен од Европската комисија по објавувањето на скандалот со прислушување.

Комесарот Хан потсетува дека Европската комисија постојано го критикувала немањето на политичка независност и балансирано известување на јавниот радиодифузен сервис, немање на транспарентност за владиното рекламирање и обезбедување непречен пристап на новинарите во информациите од јавен карактер.

Тој вели дека Европската комисија постојано ја следела состојбата со слободата на изразувањето, а во годишниот извештај изразува сериозна загриженост за медиумската култура и политичкото опкружување во Македонија во кое работат медиумите.

„Во сите наши контакти постојано сме подвлекувале дека правото на медиумите да пренесуваат информации и идеи од јавен интерес и правото на јавноста да ги добие нив, не смее да се поткопува преку политичко влијание врз уредувачката политика и врз работата на новинарите, пред, во текот и после изборите“, истакнува Хан во писмото.

Според него, за надминување на постојните проблеми во медиумите потребна е политичка волја од државните институции постојното законодавство да го спроведат соодветно. „Заради тоа ние продолжуваме да ги охрабриме сите политички лидери да придонесат за здраво медиумско опкружување што е неопходен услов за веродостојни избори“, смета комесарот Хан.

Писмото на комесарот Хан е одговор на писмото на претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард, кој кон крајот на февруари на барање на ЗНМ инсистираше од Европската комисија да се ангажира повеќе за медиумски реформи во Македонија, како предуслов за организирање на слободни и кредибилни избори“, соопштуваат од ЗНМ.