ЗНМ: МФН усвои ургентна резолуција против апсењето на новинарот Зоран Божиновски

0
925

Меѓународната федерација на новинарите, на нејзиниот 29-ти Светски конгрес, кој се одржа од 7 до 10 јуни во францускиот град Ангерс, усвои ургентна резолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето на новинарот Зоран Божиновски, соопшти Здружението на новинари на Македонија.

„Истакнуваме дека апсењето на новинарите за наводни кривични дела без никакви факти и докази, не е практика во слободни и демократски земји. Ваквите обвинувања придонесуваат за дискредитирање на новинарите како предавници и криминалци со цел да се наруши нивната доверба во јавноста, се вели во резолуцијата.

Светскиот конгрес на МФН го обврзува новиот претседател, белгискиот новинар, Филип Лерут, ургентно да ги повика македонските власти, МВР, Кривичниот суд во Скопје и македонскиот обвинител, веднаш да го ослободат Божиновски. Правото на новинарите да ги истражат и пишуваат нивните приказни е основно начело на новинарството, кое е гарантирано со европските и светски стандарди и македонскиот устав, се истакнува во резолуцијата.

МФН изразува целосна поддршка на новинарот Божиновски и на напорите на ЗНМ за заштита на слободата на медиумите и на правата на новинарите.

Претставниците на новинарите од целиот свет потврдуваат дека Божиновски во претходниот период објавувал текстови засновани на факти и документи, кои сведочат за вмешувањето на владини претставници во криминални активности. Ние веруваме дека единствена причина за апсење на Божиновски е да се спречи понатамошно објавување на нови стории, се констатира во резолуцијата.