ЗЛОТВОР – КАМЧЕВ ГО УРИВА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СО МАФИЈАШКИ МЕТОДИ БАШ КОГА НАРОДОТ И ЗЕМЈАТА СЕ НА КОЛЕНА – Нов бран на заминувања од јавното здравство: Ќе ја остави ли „Систина“ без дел од лекарите и медицинскиот персонал Детската клиника?

0
2812

Последните пребези на инфектолози и медицински сестри во Систина е злосторничко мафијашко однесување во време на пандемија кога народот гине масовно и потребни се лекари и сестри во јавното здравство. Но Камчев е безмилосен, решен е да го сруши јавното здравство баш кога најмногу му треба на народот и државата!

Ова подолу е текст пишуван на Фокус пред еден месец, од тогаш до сега заминати се десетици и лекари и сестри во Систина од македонските јавни болници. Високи плати е решението, плати со украдени пари на олигархот и обвинет мафијаш Камчев, со кои тој сега се одмаздува на владата и на некој начин дури и ја рекетира за да биде амнестиран за истрагата ИМПЕРИЈА?!?!

Текстот е објавен на 11 септември, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1301

На 1 септември „Аџибадем-Систина“ соопшти дека отвора нова педијатриска болница и тоа на површина од 4.000 квадратни метри. Според нашите информации, неколку лекари од скопската Детска клиника веќе се во план да заминат на работа таму, а дел од медицинскиот персонал веќе е во преговори. Како што дознава „Фокус“, во делот за детска кардиохирургија во „Систина“ веќе заминале четири медицински сестри од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, КАРИЛ, па така се очекува и во следниот период овој број да се зголемува

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„За шест години во приватните болници и во странство си заминале 2.000 лекари„. Оваа изјава е на старо-новиот министер за здравство Венко Филипче, кој во мај 2018 година ја даде во интервју за „Фокус“, откако само четири месеци претходно седна на министерската фотелја. Тој веќе три години управува со овој ресор, но крајниот резултат е ист како досега, па дури и полош.

Не стивнуваат приказните за починати пациенти во дворот на скопските клиники само затоа што не биле хоспитализирани навреме, огромните долгови на клиниките, лошите услови за работа, нарушените меѓучовечки односи, а тука се и тендерите, кои редовно се под лупа.

Тоа што е најжално во целата ситуација е што сево ова на сите ни стана нормално, па повеќе не нѐ изненадува каков било скандал да се случи во јавното здравство. Овој сектор е во хаос години наназад, а најтрагично е што најголемата штета секогаш ја трпат пациентите.

И за време на корона кризата, која трае повеќе од шест месеци, во земјава упорно продолжува да тресе синдромот на миграција на лекарите, незадоволни од својот статус и платите. Тоа што е страшно во целата ситуација е што во период кога Северна Македонија се наоѓа пред најголемиот здравствен предизвик и најопасен непријател Ковид 19, дел од здравствените работници го напуштиле јавното здравство, а нашите информации потврдуваат дека во следните два месеца, поголем број лекари од неколку клиники ќе заминат во приватните болници.

Тоа стана редовна пракса, голем дел од лекарите и од медицинскиот персонал да преминуваат во приватното здравство, но, според лекарската фела, затоа не секогаш главна причина е повисоката плата, туку подобрите услови за работа, отсуството на притисоци, можноста за доедукација, почитувањето на нивната професионалност.

Во моментов, ситуацијата во јавните здравствени установи е алармантна со оглед на тоа што корона вирусот напаѓа од сите страни, а лекарите и сите други здравствени работници се претепани и очајни од работа, по цел ден на 40 степени во скафандери, маски и ракавици, но и огорчени од однесувањето на граѓаните, од кои дел не ни веруваат дека постои Ковид 19.

Во овој најтежок период во историјата на јавното здравство, инфектолози, анестезиолози и епидемиолози има најмалку, а тие се најважни во битката со смртоносниот вирус. Некои напуштиле, а некои веќе се подготвуваат. Но, тука се и лекарите од другите специјалности, кои повеќе не можат да ја издржат битката со „јавното здравство“. Па, дури и во корона време!

ШТО СЕ СЛУЧУВА НА СКОПСКАТА ДЕТСКА КЛИНИКА?

Двегодишно бебе со температура од 38 Целзиусови степени плаче на цел глас, мајката потресена, а лекари и медицински сестри растрчани околу него со цел да му пружат здравствена помош. Но, не е само тоа бебе и не се само тие потресени родители. Вратите лупаат постојано, едни влегуваат, други излегуваат, некои чекаат резултати од лабораторија, некои чекаат детето да им биде прегледано. Секој со својата мака.

Вака отприлика изгледа атмосферата на скопската Клиника за детски болести, поточно секој оддел носи своја приказна, потешка или полесна. Веќе неколку години наназад оваа клиника има недостиг од професори, лекари-специјалисти и медицински сестри. Тие и во моментов тешко се справуваат со целата ситуација, со оглед на тоа што нема доволно кадар кој ќе работи со најмалите пациенти.

Во октомври, 2018 година, поточно само неколку месеци откако Филипче стана прв човек во здравството се соочи со лошата ситуација и недостигот од кадар, па беше присилен очи в очи да ги убедува поискусните лекари да не ги напуштаат скопските клиники. Пред само две години ѝ се закануваше колабирање на Клиниката за детски болести поради одлив на здравствени работници, во периодот кога со неа управуваше директорката Катерина Ставриќ.

Тогаш лекарка од Одделот за онкологија поднесе оставка, а уште четворица се спремаа да си заминат. И тоа не само од Детска клиника, туку намалување на ресурсите имаше и во другите здравствени установи, а како нивна најголема закана беше тоа што Детската кардиохирургија отиде под приватна капа, односно се префрли во приватното здравство.

Таквата одлука беше пресудна во тој период и од Клиниката за детска кардиохирургија, каде што се вршат специфични операции на срце, да си заминат екс директорот Ристо Симеонов, потоа пензионираниот проф. доктор Ацо Димов, сега шеф на детската хирургија во една приватна болница, како и доктор Владимир Чадиковски, поранешен одговорен доктор за кардиолошките случаи токму на истата клиника. Додека овие лекари го напуштија јавното здравство, од каде што Чадиковски најпрвин беше главен на одделот за детска кардиохирургија кај Жан Митрев, за подоцна за краток период да замине во „Систина“.

Додека овие лекари си заминаа, како што веќе објави „Фокус“, Министерството за здравство на Клиниката за детска хирургија ангажирале тројца странски лекари, кои за повремено доаѓање во земјава земале вкупно 86.900 евра годишно, поточно 1.400, 2.500 и 4.000 евра месечни надоместоци и плус клиниката им го плаќала сместувањето. Тоа е само еден од примерите. Кој знае какви едукатори се ангажирани, од кои земји и за кои пари?

Но, да се навратиме на Детската клиника, од каде што пред две години си заминаа неколку лекари, а тогашната директорка Ставриќ по само неколку месеци си поднесе оставка од директорското место, но не даде никакво образложение, освен дека во прашање се лични причини. На нејзино место седна доктор Наташа Алуловска, која и сега директорува со болницата.

Пред само неколку месеци, исто така од клиниката си замина уште една медицинска сестра, која за време на целиот овој Ковид-период на социјалните мрежи ги објаснува причините зошто си заминала, какви се условите во болницата за работа, но и тоа дека, сепак, дел од надлежните институции потфрлија во борбата со корона вирусот.

Факт е дека Детската клиника и во моментов има недостиг од кадар, кој би работел со оглед на тоа што имаат доста тешки пациенти, за кои треба стручност и искуство.

„На клиниката години наназад е хаос. Дел од професорите се пензионираа, дел си отидоа во странство и во приватните болници и едвај се организираме. Да не зборуваме колку имаме потреба од медицински сестри. Страшно е тоа што се случува тука. Се носат деца кои се тешко болни, на кои треба веднаш да им се пружи помош. Персоналот не може да постигне. За односите да не зборуваме, нарушени меѓучовечки односи, а и смртноста не е мала – информираат дел од вработените во клиниката.

„Фокус“ поразговара со повеќе од нив, кои ни открија дека за еден месец се очекува нов бран на заминување на лекари и медицински персонал, што би довело неколку оддели на клиниката пред тотален колапс.

„Се работи за поголема бројка, но сѐ уште се прават преговори. Жално е тоа што се случува, но нема избор. Секој би отишол на подобро место каде што му се нудат подобри услови за работа – раскажува нашата соговорничка, која сакаше да остане анонимна.

ЛОШИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА – НАРУШЕНИ ОДНОСИ

Пред само неколку дена, на 1 септември „Аџибадем-Систина“ преку соопштение извести дека отвораат нова педијатриска болница, и тоа на површина од 4.000 квадратни метри. Во соопштението се наведуваше дека во болницата ќе работат 210 стручњаци, од кои медицинскиот тим ќе го сочинуваат 80 медицински сестри и 36 болничари.

Отворањето на оваа педијатриска болница отвора низа други прашања, а меѓу нив и тоа дали ќе биде повлечен персонал и од скопската Детска клиника, со што дополнително би се нарушило нејзиното работење.

Според нашите информации, неколку лекари веќе се во план да заминат на работа таму, а дел од медицинскиот персонал веќе е во преговори. Нашите извори уште тврдат дека се работи за поголема бројка, но сѐ уште официјално не се известени надлежните, со оглед на тоа што се уште не се завршени преговорите.

„Јас би си отишла без никаков проблем. Жал ми е што тука оставам толку поминати години, но повеќе немам избор. Условите за работа се многу лоши, односите меѓу луѓето се нарушени и повеќе не се функционира во ваква атмосфера, а за разликата во платите не станува збор – ни раскажа медицинска сестра од Детската клиника.

Како што дознава „Фокус“, во делот за детска кардиохирургија во „Систина“ веќе заминале четири медицински сестри од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, КАРИЛ, па така се очекува и во наредниот период овој број да се зголемува, а во прашање се лекари и медицински персонал од неколку клиники со кои веќе се вршат преговори на оваа тема.

Никој нема одговор, ако се случи заминување на повеќе кадри, како ќе продолжат да функционираат неколку оддели на клиниката и дали тоа ќе доведе до поголем колапс на системот, посебно во делот каде што се лекуваат најмалите пациенти.

„Фокус“ испрати неколку прашања и до ресорното Министерство, од каде што добивме краток одговор:

„Ниту еден здравствен работник досега не најавил дека си заминува од Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, од која било причина – се наведува во одговорот од ресорното Министерство.

Идентичен одговор добивме и од актуелната директорка на болницата, доктор Алуловска, па сега останува нејасно дали по нашето прашање најпрвин упатено до здравство, била консултирана директорката, па таа го дала одговорот, или било обратно. Како и да е, одговорот е идентичен и од двете места.

Од директорката, исто така, побаравме да ни објасни колку вкупно вработени се на клиниката, за што ни рече дека такви податоци може да ни достави в среда по празникот.

„Точни податоци ќе можам да ви дадам в среда кога службите се на работа и ќе ве замолам да се слушнеме тогаш. Инаку, некој да се замине од работа, процедурата е да се поднесе барање за отказ – тврди доктор Алуловска.

Одговори на овие прашања побаравме и од приватната болница „Систина“, но од таму како и по традиција во последните неколку години не одговорија на нашите прашања.

Како и да е, страшна е самата помисла дека уште лекари и медицински персонал ќе си заминат од јавните здравствени установи. Уште пострашно е ако станува збор за Детската клиника, во која се лекуваат од новороденчиња до деца и со полесни и со потешки клинички слики.

Редно време е по толку ветување, системот да застане на здрави нозе и да ги стави пациентите пред сѐ. Сепак, не се работи за експериментални глувчиња. Многу нормално е и тоа, кога некој со години работи во лоши и недостојни услови да го избере тоа што е подобро и пак страда болниот.

ДВАЈЦА АНЕСТЕЗИОЛОЗИ ОД „8 СЕПТЕМВРИ“ ОТИДОА ВО „СИСТИНА“

Двајца анестезиолози од вкупно 13 во Градската болница „8 Септември“, во најголемиот ек на пандемијата со Ковид 19, одлучиле да ја напуштат и да заминат на работа во приватната болница „Систина“, објави „Фокус“.

На двајцата анестезиолози за да останат на работа во болницата им било понудено да останат и две недели на одмор, но, сепак, во најтешките моменти во историјата на оваа болница да не ги оставаат на цедило своите колеги, кои деноноќно водат битка да им го спасат животот на заразените пациенти, но тие сепак заминале.

Анестезиолозите се едни од најпотребните кадри за време на пандемијата со Ковид 19, со оглед на тоа што тие управуваат со респираторните машини. Тоа што е страшно, е што во болницата за време на шестмесечната корона криза работат само двајца инфектолози.

МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ САКААТ ДА РАБОТАТ СО ПАЦИЕНТИ СО КОВИД

Министерството за здравство ќе бара финансии за трајно вработување на младите здравствени работници, кои по добивањето лиценца за работа покажале интерес да бидат дел од тимовите на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со ковид-19, информираа пред неколку недели од таму преку соопштение до јавноста.

„Отворивме перспективи секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство и веднаш по добивањето лиценца да добие можност за работа со пациенти. Поголем дел од младите лекари кои добија лиценца за работа во јули, годинава, покажаа интерес да бидат дел од тимовите во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19, а паралелно на сето тоа почнуваме и процес на обезбедување финансии за нивно трајно вработување, се вели во соопштението.