Зголемување на платите во одбраната, здравството и во образованието во 2018 година

0
1654

Буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Во согласност со проекциите, приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 процента од БДП. Предвидени се и 24,7 милијарди денари за капитални расходи.

Со предлог буџетот предвиден е раст на платите во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите. Расходите се 4,1 проценти повисоки од оние во 2017 година, а приходите 4,7 проценти.

Повеќето од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ-интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Предвидени се и повисоки плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемување од пет проценти на платите во здравството, образованието и во градинките.

Што се однесува до капиталните расходи, планирани се средства и за завршување на патната делница Демир Капија-Смоквица, понатаму за реконструкција на Коридорот 10, изградба на железничката пруга од Коридорот 8, дозиградба на пругата Битола-Кременица и изградба на патната секција Градско-Дреново, за што вкупно се планирани 3,5 милијарди денари. Дополнително, 5,9 милијарди денари се планирани за комунална инфраструктура за изградба на национален гасоводен систем, за водоводи и канализации, пречистителни станици и рамномерен регионален развој. За инвестиции во ТИРЗ планирани се 431 милион денари. За изградба на детски градинки, спортски објекти, основни и средни училишта, универзитети и студентски домови, планирани се 2,4 милијарди денари, за инвестиции во здравството 1,9 милијарда денари, за инвестиции во одбраната една милијарда денари, во правосудтвото 531 милион денари и за јавен ред и безбедност 917 милиони денари.

За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари, што претставува 2,4 процента помалку во однос на проектираното за 2017 година.