За сите што сте загрижени за Грција, а не ви текнува да напишете нешто за мизеријата во Македонија

0
1258

За сите што сте загрижени за долгот на Грција, а не ви текнува да напишете нешто за мизеријата во Македонија: Грчкиот национален долг е околу 340 милијарди евра, дупло поголем од нивниот БДП (околу 172 милијарди евра). Грција има околу 11 милиони жители.

Македонија има барем 5 пати помалку жители (официјално над 2 милиона). Денес прочитав дека бруто надворешниот долг на земјава, заклучно со првиот квартал од годинава изнесува 6,185 милијарди евра, а тоа било 68,68% од БДП (кој тогаш изнесува околу 9 милијарди евра).

zarko-trajanovski

Клучното прашање за споредбата помеѓу Грција и Македонија е следново:

Како е можно Грција која има 5 (нека бидат и 6) пати повеќе жители да има 19 пати поголем БДП од Македонија? Простата математика БДП по жител вика дека граѓаните на Грција во моментов се 3-4 пати побогати од граѓаните на Македонија.

Тоа се огледа и во просечната плата, која е речиси 3 пати поголема во Грција.

Минималната плата во Грција е 683 евра, а минималната плата во Македонија е околу 160 евра (минималната плата во текстилната и кожарската индустрија е уште помала)!

За сиромаштијата не можеме да споредуваме со проценти, оти имаме многу сериозни проблеми со тоа како ја есапиме сиромаштијата во Македонија. На пример, во Македонија во 2013 год, Заводот за статистика не ги сметал за сиромашни 4-члени семејства кои остварувале годишен приход над 147 578 денари. Значи, четиричлени семејства што преживувале со над 200 евра месечно не се ни есапат за сиромашни во Македонија!

Како е можно да преживеат двајца возрасни и две деца со 300 денари дневно и за храна, и за кирија, и за сметки и за градинка/школо, и за лекови… нека ми објасни некој од Државниот завод за статистика, ви се молам.

Каков државен цинизам е ова, а никој за тоа не пишува. И нееднаквоста е поголема во Македонија од Грција. Според Еуростат, Џини индексот во Грција е 34.5 (2014) а во Македонија 37.0 (2013).

Затоа, крајно време е да престанеме да ги жалиме Грците, и да почнеме да се жалиме себеси.

Помизерни од нас на Балканот нема!

Жарко Трајаноски – Фејсбук статус