ЗАЈКОВА : ЛДП ЌЕ БИДЕ СЕРИОЗЕН ФАКТОР ОД КОЈ ЌЕ ЗАВИСИ ФОРМИРАЊЕТО НА СЕКОЈА ВЛАДА

0
408
Во ЛДП созреа времето за првата жена претседател, рече Моника Зајкова, која на денешниот конгрес на ЛДП е единствен кандидат за нов партиски лидер.

-Изразувам подготвеност за мојот, досега најголем личен предизвик. Ви ветувам лидерство насочено кон иднината. ЛДП ја гледам како сериозна партија со големо влијание врз одлуките, насоката и стратегијата по која ќе се води државата, како сериозен фактор без кој не би можела да се формира ниту една Влада во иднина, како партнер на граѓаните и конструктивен коректив на власта.

ЛДП нема да биде цел само на поголемите партии, туку ќе соработува исклучиво за интересите на граѓаните и државата – рече Зајкова. Таа најави „прогресивни политики кои ќе се дистанцираат во дел од актуелните владини и опозициски, нова платформа соодветна на современите предизвици, како и политики во кои мнозинството граѓани се препознаваат“.

-Најавувам многу работа и ве повикувам обединето, храбро и гласно да работиме заедно, пожртвувано, без штедење, тактизирање и популизам. Заедно да носиме смели и одговорни одлуки во интерес на граѓаните. Ве повикувам да не одиме по слепо дефинирана патека, туку да одиме каде што нема пат и да оставиме трага – либералдемокртатски печат на европска Македонија, да бидеме фокусирани кон нови победи за државата – порача Зајкова. Пред Зајкова, со ЛДП раководеше Горан Милевски кој се уште е актуелен претседател. Во обраќањето на когресот, тој јавно ја поддржа Зајкова, посакувајќи и успех особено на претстојниот пат кон членство на земјава во ЕУ.