Започна Меѓународната младинска конференција “Европските вредности за иднината на Југоисточна Европа”, Скопје

0
588

Денеска започна 18тата по ред Меѓународна младинска конференција под името Европски вредности за иднината на Југоисточна Европана која по дигитален пат учествуваат 80 млади луѓе од 16 земји од Југоисточна Европа.

Конференцијата ја отворија:

Извршен директор на Младински Сојуз Крушево и координатор на Меѓународната младинска конференција, Методија Стојчески,

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизела Холнштајн

Амбасадорот и шеф на Делегација на ЕУ, Дејвид Гир и

Програмската директорка на Фондацијата Фридрих Еберт Штифтунг во Република Северна Македонија, Ева Елерејт.

На отварањето координаторот на Меѓународната младинска конференција го претстави историјатот на конференцијата и заложбата на Младински Сојуз Крушево, како организација преку оваа годишна конференција да отвори важни теми за младите луѓе и да ги промовира европските вредности. Тој исто така истакна дека оваа конференција е можност за остварување на заложбата за дијалог на младите луѓе и институциите, со цел креирање квалитетни и одржливи политики.

“Навистина многу ми се допаѓа слоганот”Биди глас, не ехо”, бидејќи токму тоа е потребно младите луѓе да бидат! Младите луѓе се партнери на ЕУ и се многу важни за Европската иднина, но и за процесот на проширување. Импресионирана сум од ентузијазмот за организација на дигитален настан за европските вредности, во време на КОВИД-19. ’ истакна Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизела Холнштајн.

Амбасадорката, исто така зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе, како и чувството на младите луѓе дека не се слушнати и изрази силна верба во младите луѓе дека ќе бидат промоторот на вредностите на ЕУ.

На отварањето исто така свое обраќање имаше и Амбасадорот и шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир кој зборуваше за важноста на младинските конференции на кои се зборува за европските вредности, особено во контекст на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

“Иако сме поделени во различни држави, без можност физички да се сретнеме, јас верувам во духот и силната посветеност на Европските вредности.Плурализмот, недискриминацијата, еднаквоста, владеењето на правото, солидарноста, мултикултурализмот, како важни вредности на ЕУ се унапредуваат постојано во заштита на ранливите групи и што посилна социјална инклузија. Европските вредности мора постојано да бидат унапредувани и заштитени од напади на авторитарност. ”

Двајцата амбасадори истакнаа дека младите се и остануваат високо на агендата на Европската Унија.

На крајот на отварањето на конференцијата се обрати Ева Елерејт, Директорка на Фондацијата ФЕС во Северна Македонија која го изрази задоволството за организација на конференцијата и покрај пандемијата, за дискусија за важноста на Европските вредности.

Таа истакна дека за да се промени перспективата потребна е токму една ваква конференција на која се зборува за солидарноста како најважна Европска вредност во време на предизвици и здравствена криза.

Конференцијата продолжи на пленарни сесии на кои се дискутира за солидарноста во криза и пролиферација наспроти креирање на вистина.