ЗАЕВ СТАНУВА ХЕРОЈ ЗА РАБОТНИЧКАТА КЛАСА : Течат преговорите за пораст на минималната плата, синдикатите за, бизнисот резервиран!

0
1212

Продолжуваат разговорите на власта, бизнис секторот и синдикатите за ново зголемување на минималната плата. Решението, велат од Владата, треба да биде издржано и во полза на сите засегнати страни. Во договор со сите социјални партнери, ќе се најде решение кога и за колку ќе биде зголемена минималната плата.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека е уверен оти минималната плата во државата, која сега е околу 12 илјади денари, ќе се покачи на повеќе од 13 илјади денари преку елиминирање на плаќањето на дел од платата во кеш, но и со помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници.

Бизнисот е резервиран, но и на став дека зголемувањето не треба да биде наметнато, туку да се остави компаниите тоа да го направат сами.Синдикатите се на став дека минималната плата треба да се зголеми на 13.615 денари колку што е висината на трошоците за храна, но и оти е потребно итно да се направи скалесто зголемување на платите на сите позиции преку директна примена на колективните договори и коефициентите предвидени во нив.

Премиерот Заев посочи дека околу 35 отсто од платите во државата се дава на рака и во кеш и додаде дека Владата во моментов прави анализи за елиминирање на плаќањето во кеш што ќе ги објави кон крајот на август или на почетокот на септември, поради што, како што рече, доцни зголемувањето на минималната плата што беше најавено за јули.

– Недостигот на квалификувана работна сила е најголемиот притисок за растот на платите, но тоа значи дека газдите ќе споделат малку од профитот со работниците. Тоа е оддржливо за сопствениците и за менаџментот на компаниите зашто ќе имаат доволно мотивирани работници кои ќе останат да работат во компаниите и во државата. Вториот дел е заради минималната плата која ја отвори спиралата на платите, но податоците покажуваат дека најдоминантно е заради недостигот на квалификувана работна сила во делот што се вика сива економија, бидејќи околу 35 проценти од платите во државата се даваат во плик или кеш. Тоа е еден нов таргет пред Владата на кој работиме во моментот со анализи да ги вратиме во легалниот пазар сите кои даваат дел од плата во готово, рече премиерот Заев.

Како држава, нагласи тој, треба да направиме соодветен чекор за да ги мотивираме сите да ги даваат бруто платите во цел износ.

– Со тоа ќе им помогнеме на деловните луѓе да имаат помали издатоци со тоа што државата ќе направи свој исчекор, за работниците да земаат повисоки просечни плати. Истовремено ,тоа ќе значи зголемено полнење на фондовите за здравство и пензиско осигурување. Верувам дека минималната плата може да порасне повеќе од 13.000 денари, преку легализација на нелегалниот дел, но и преку помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници. Најголема придобивка ќе имаат работниците, но и државата ќе си го легализира делот кога се дава кеш плата или плата во плик, појасни Заев и потенцира дека мерката ќе важи за сите во државата.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека зголемувањето би можело да се реализира по претходен консултативен процес со работодавачите и синдикатите, кој како што рече ресорната министерка Мила Царовска, е во тек.

Кога ќе се постигне согласност со нив би можело да се пристапи кон измени на Законот за минимална плата, вели Царовска, и нагласува дека постигнатото решение треба да биде во полза на сите засегнати страни.

Бизнис-заедницата останува на ставот дека покачувањето на минималната плата не треба вештачки да биде наметнато, туку оти треба да се остави простор компаниите тоа сами да го направат.

– Ставот останува ист. Секој вештачки обид на зголемување на минималната плата за нас не е добар, затоа што, како што знаете, приватниот сектор работи секојдневно и е реална материја што се менува на дневна, неделна, месечна основа. Треба да ги следиме условите на пазарот. Треба да гледаме како пазарот се менува. Треба да креираме лица кои ќе ги задоволат потребите и треба да влезат на тие работни места. Тоа не можеме да го направиме вештачки, смета претседателката на Сојузот на стопанските комори, Данела Арсовска.

Таа смета дека минималната плата е нешто што природно треба да се зголемува.

– Условите на пазарот ги знаете. Се соочуваме со недостиг на квалификувана работна сила, особено на оние што имаат специфични занимања и тоа е она на што треба да се обрне внимание и треба да биде една посеопфатна стратегија на држвата особено во делот на образованието и особено како да генерираме вакви кадри, не само од основното, средното и високото образвоание, исто така и преку преквалификација и доквалфикација, посочи Арсовска.

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.

– ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јуни 2019 година изнесува 32.711,00 денари, а само трошоците за храна изнесуваат 13.615,47 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 отсто од просечната плата во државата. Пресметките на ССМ покажуваат дека има потреба од зголемување на минималната плата за најмалку 12 отсто, односно да се зголеми на 13.615 денари колку што е висината на трошоците за храна, со што ќе се приближиме до европскиот тренд на висина на минимална плата имајќи ги предвид  пред се заложбите на државата за побрзо интегрирање во европското семејство, вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Од ССМ потенцираат дека освен зголемување на минималната плата, потребно е итно да се направи скалесто зголемување на платите на сите позиции преку директна примена на колективните договори и коефициентите предвидени во истите.

– ССМ својот предлог за зголемување на минималната плата го има доставено до Владата, а ова беше и едно од прашањата на кои се разговараше на последниот состанок одржан на 15 јули годинава помеѓу ССМ и претседателот на Владата, Зоран Заев, велат од ССМ.

Можноста за покачување на минималната плата на почетокот на годината ја најавија од Владата, а во февруари премиерот Зоран Заев рече дека идејата на Владата како левоориентирана е да има рамномерна распределба на продуктивноста и доходовноста меѓу капитал-факторот и работниците. Тогаш тој најави дека како и при претходното зголемување, државата ќе обезбеди финансиска поддршка за компаниите делумно покривање на порастот на минималната плата, но и на останатите плати.

Тогаш Светска банка излезе со став дека уште едно зголемување на минималната плата ќе се одрази негативно во трудоинтензивните дејности. Таквиот процес, посочија тогаш од Светска банка, треба да се одвива паралелно со зголемување на продуктивноста.

Славица Стефановска

МИА