Заев: Срамота е и третпат да се собереме кај Пендаровски ако нема можност за договор

0
690

Петти јули е законски определен датум за избори во моменталната состојба, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва во Клик Плус на ТВ 21.

-Ако не се договорат политичките лидери за датумот, тогаш останува Уставот и законот. Два пати се собравме кај претседателот Пендаровски. Срамота е да се собереме и по третпат ако нема можност за договор. Мицкоски побара средба, па побара уште една недела, па на крајот вика на 13 септември да бидат изборите. Несериозното однесување не донесе до ваква состојба. Мицкоски бега од избори, но Уставот и законот е јасен. Денеска кога нема договор, останува Уставот и законот. Секој кој вели дека е можно одложување, тој лаже. Тука бегање нема. Од несериозни луѓе имате несериозни ставови. Кога требаше да се носат одлуки за најстратешките цели, тие бегаа и бојкотираа. Денес пак тоа се случува – рече Заев.

Тој вели дека побарал оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев поради неказнувањето за непочитување на мерките против пандемијата.

-Чулев кажа – не, нема да ги казнуваме граѓаните. Казните постојат за да ги почитуваме одлуките. Ако калкулирате само поради партиски интерес треба тоа да се каже. Ако државата е пред се, ако здравјето е пред се, тогаш соодветно треба да се поставите. Јас побарав оставка од Чулев бидејќи има грешки. Или постапуваме, или не постапуваме. Час поскоро да се оди на избори, да се воспостават институции кои ќе имаат полна одговорност, а не политичко препукување. Ние 5 месеци немаме Собрание, шест месеци сме со техничка Влада – истакна Заев.