ЗАЕВ СО МОТОР НА 4 ТРКАЛА ДОЈДЕ НА НАРОДЕН СОБИР ВО ВАРВАРИЦА

0
1682

Премиерот Зоран Заев, кој е член на мото клубот АТВ Струмица, денеска со моторцикл на 4 тркала дојде во иселеното село Варварица во Општина Василево, каде се осветуваше реконструираната црква од 17 век „Св. Петка“ и се одбележуваше 73 години од формирањето на првиот Народноослободителен одбор за Струмичко.

Заев и моторџиите од клубот рекоа дека тргнале рано наутро и извозеле над 40 километри по падините на планината Еленица, поминувајки повеќе ридско планински населени места од Рич – Струмица до Горни Липовиќ – Конче.

Во планинското мото рели меѓу 15-тината членови беше и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој исто е мото рели возач. Заев и Рашковски заедно со членовите на клубот АТВ Струмица на црквата во селото Варварица подарија икона на Света Петка.

„Знаете дека сакам да возам мотор на четири тркала и денеска уживав по убавините на Еленица заедно со моите пријатели. Еве дојдовме и во селото Варварица каде има народен собир“, кусо рече Заев.

Тој веќе десетина години вози моторцикл на 4 тркала, а двапати и се повредуваше. Во 2009 на тромеѓето на Беласица при пад го скрши десното рамо, а во 2010 кај селото Три Води на истата планина го скрши скочниот зглоб на десната нога.

Неговата посета на селото Варварица оддалечено 30-тина километри од Струмица речиси ги изненади сите присутни на народниот собир. Премиерот Заев беше пречекан новиот градоначалник на Василево Марјан Јанев и пратеникот од оваа Општина Сашко Атанасов.

На народниот собир во селото Варварица организиран од Општина Василево и Симо Крстев, присутен беше и Народниот правобранител на Македонија Иџет Мемети, кој дојде неколку часа пред Заев со неколку пријатели со џип.

„Дојдов на покана на мој драг пријател Симо Крстев и морам да кажам дека ваквите собири се добри за да народот ја негува историјата, традицијата и да не ги заборава своите корени. Верувам дека сите што се тука се се дојдени со позитивна енергија и љубов и мора така да продолжиме“, рече Омбдусманот Мемети.

Варварица е иселено место пред 30-на години, но последниве години почна интензивно да се инвестира во нови викендици и подигање овошни насади во ова село, кое нуди одлични можности за развој на пчеларство и сточарство. Проблем само е неасфалтираниот пат и исклучената струја за многу стари и дотраени куќи во Варварица

Извор : СДК