ЗАЕВ ПРЕД НОВИ ПРОБЛЕМИ – ВЛАДАТА ГУБИ ЕДЕН ПРАТЕНИК, ОД 62 ЌЕ ПАДНЕ НА 61: Партијата за движење на Турците на конгрес ќе одлучува дали ќе остане во коалиција со СДСМ

0
968

Енес Ибрахим, претседател на ПДТ и пратеник, вели дека засега останува во парламентарното мнозинство, но не исклучува и други опции

Превирања меѓу Партијата за движење на Турците и СДСМ на локално ниво, поточно во Радовиш, се закануваат да се прошират и на теренот на повисоката политика, односно да ја нарушат коалицијата меѓу двете партии на централно ниво.

Енес Ибрахим, пратеник и претседател на Партијата за движење на Турците, вели дека засега останува дел од парламентарното мнозинство, ама нагласува дека понатаму се отворени сите опции, па и таа за напуштање на коалицијата.

Тој вели дека ја поддржува одлуката на неговите сопартијци од Радовиш, чија општинска организација решила да го напушти владејачкото мнозинство на локално ниво. Од денес, советникот на ПДТ во Општина Радовиш, Јашар Сулејман, дејствува надвор од советничката група на актуелното мнозинство, соопштија од партијата.

„Ние се боревме против режим и сега нема да дозволиме некои локални шерифи да го газат достоинството на Турците во земјава. Како пратеник, засега останувам во парламентарното мнозинство, ама за понатаму се отворени сите опции. Наскоро треба да донесеме одлука за одржување партиски конгрес, пред локалните избори, каде што ќе се носи и одлука за тоа дали остануваме дел од владејачката коалиција“,

Изјави Ибрахим за „360 степени“.

Тој е единствениот пратеник на ПДТ, која веќе неколку години е дел од коалицијата на СДСМ. Оваа партија има и едно заменик-министерско место – во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, каде што министер е Артан Груби од ДУИ.

Коалицијата на СДСМ. на 10. парламентарни избори, во јули минатата година, освои 46 мандати во Собранието, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, чија коалиција брои 44 члена.

Парламентарното мнозинство, пак, во кое освен ДУИ ( со 15 пратеници) партиципира и ДПА, брои 62 члена или еден повеќе од неопходниот минимум за формирање Влада.

Поради тесното мнозинство и честите проблеми со обезбедувањето кворум за работа во законодавниот дом, во изминатите месеци и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ лицитираат со опции за проширување, односно прекројување на парламентарното мнозинство.