Заев: После 33 години чекање, новото крило во општата болница Струмица е завршено, го усовршуваме целиот здравствен систем

0
737

Претседателот на СДСМ Зоран Заев им честиташе на струмичани што после 33 години чекање, денеска беше  отворено на новото крило во општата болница Струмица, што претставува уште една значајна инвестиција во унапредување на здравствениот систем во државата.

„ Дозволете да ја искористам приликата како струмичанец, на сите струмичани и на целиот наш народ во југоисточниот регион да  им го честитам новото крило во општа болница Струмица, кое почна да се гради кога јас имав 12 години, односно пред 33 години, и сум многу среќен што овие последни 3 години се дадаоа максимални напори да се заврши.

Болничкото крило  е веќе опремено со 85 кревети, донесени се 3 респиратори, доаѓаат дополнителните донации, опремувањата од Министерството за здравство и ќе биде комплетно и функционално до крајот на летото“, порача претседателот Заев.

Тој му се заблагодари на министерот Венко Филипче за огромната посветеност што ја направи во завршувањето на овој проект , но  и на поранешните министри за здравство Арбен Таравари, како   и на Никола Тодоров којшто ја отпочна постапката,  а реализацијата дефинитивно почна  во последните 3 години.

„Не би бил чесен ако не се заблагодарам на нашите пратеници Катерина Кузмановска , Костадин Костадинов, Сашко Атанасов и на другите пратеници коишто преку пратенички прашања, ребаланс на буџет, додавање средства целосно, дадоа свој придонес денес да го дочекаме овој ден. Јас жалам што денес  тие, заради коронакризата,  не се тука и затоа се присутни само мал дел од луѓето, но ова е историја.

Се радуваме ние струмичани зашто, како што рече еден еминентен доктор од струмичката болница  доктор Араников,  покрај Охрид и Струмица  е втората дестинација најодалечена од централниот дел на здравството – главниот град Скопје.  Затоа е многу важно овој болнички систем  кој покрива повеќе од 200.000 граѓани во нашата земја, да биде современо опремен со доволно простории, доволно комотен  за да може да го опслужуваме целиот овој регион“, додаде Заев.

Тој нагласи дека Владата, предводена од Социјалдемократскиот сојуз, продолжува  да го осовременува и усовршува целиот здравствен систем,  со сите негови аспекти коишто ќе бидат на располагање на граѓаните.